Започна молитвената осмина за едниство на христијаните

Во сабота на 18 јануари започна Молитвената осмина за единство на христијаните, што ова година се одржува на тема: „Па зар Христос се раздели?“ (1Кор 1,13). Папата Фрањо ден претходно во петок, на средбата со екуменска делегација од Финска, ги поттикна сите никогаш да не се откажат од екуменски напори, верни на она за кое самиот Господ Исус молеше од Отецот: за сите да бидат едно. За значењето на овогодинешната тема во разговор за Радио Ватикан се осврна кардинал Курт Кох, преседател на Папскиот совет за промовирање на единство на христијаните и рече дека ова е посебен предизвик. Христос, секако, никогаш не може да биде разделен, ниту Неговото тело не може да биде разделено; сепак во историјата дошло до бројни расколи, бројни поделби.

Тоа предизвикувачко прашање содржано во темата „Па зар Христос се раздели?“ треба повторно да го стави во центарот на екумензмот фактот дека поделбите не се согласуваат со Христовата волја, и дека е потребно под итно да ги надминеме – рече кардиналот. Уште додека бев дете – се присети кардиналот – во настанот на Исусовите маки многу ме воодушеви тоа што римските војници поделиле сѐ што било на Господ, освен неговата долна облека. Не ја разделиле, туку ја оставиле цела; така и таа станала во историјата на Црквата знак за единство на Црквата. Потоа ме погоди фактот што ние христијаните го направивме тоа што војниците не го направиле односно ја искинавме Господовата облека. Ќе треба многу работа за пак да ја составиме… – истакна кардинал Кох.

Што се однесува до дијалогот на Католичката црква со браќата од Православните цркви, кардиналот нагласи дека треба да разликуваме дијалог на љубов односно односи на пријателство, соработка и братство, што многу добро се одвиваат со бројни Православни цркви; и теолошки дијалог, во врска со кој – како што рече – од 2010 година за жал немаше општи собири. Во подготовка е следниот состанок кој ќе се одржи на есен во Србија – напомна кардиналот и спомна дека документот за приматот кој неодамна го објави рускиот православен патријарх, а кој всушност е став во однос на дијалогот кој се води со сите Православни Цркви, го стави теолошкиот дијалог во тешкотии. Во меѓувреме еден грчко – православен митрополит зазеде став во врска со тој документ и така започна внатреправославен дијалог за приматот и мислам дека тоа е многу позитивно –  кажа кардиналот Кох.

На новинарско прашање каква е состојбата со протестанските Цркви, кардиналот напомена дека реформата е слоевита појава. Мислам дека реформата во Швајцарија беше поинаква за разлика во Германија; во нордиските земји пак е поинаку; во тие земји немало народни движења туку само наметнување од страна на кралот. Меѓутоа, и во таа смисла минатата есен во Цирих е одржан меѓународен конгрес за заедничка подготовка во спомен на реформата внатре во протестанскиот свет, па мислам дека и тоа е многу позитивно. Што се однесува пак до дијалогот со јудаизмот, кардиналот спомна на големиот католички теолог Ерих Прзивара кој рече дека првата поделба која сме ја доживеале во христијанството е она помеѓу синагогата и црквата и затоа – рече кардинал Кох – помирувањето помеѓу јудаизмот и христијанството е дел од екуменското заземање на Католичката црква.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот