Една година со папата Фрањо: Неговото послание достигнува до срцата на луѓето

Главното нешто во првата година од понтификатот е големото внимание и привлекување на луѓето кон овој Папата и неговото послание, и тоа не само од католици, туку и од сите луѓе во светот”. Ова го истакна директорот на Канцеларијата за печат при Светата Столица и директор на Радио Ватикан, отец Федерико Ломбарди по повод првата година од изборот на папата Фрањо, која се навршува на 13 март. „Луѓето се почувствуваа допрени од нежните зборови, вниманието, милосрдието и близината на овој Папата, кој е навестител на Божјата љубов”.

Секако, неговото прво појавување на централниот балкон од базиликата Свети Петар е незаборавно”, рече отец Ломбарди, набројувајќи возбудливи настани од понтификатот: миењето на нозете на младите во римскиот затвор на Велики Четврток, неговата посета на островот Лампедуза меѓу „заборавените и отфрлените и сите загинати во потрага на надеж и подобра иднина”. Потоа се присети и на Светскиот ден на млади во Рио Де Жанеиро, неговата посета во Асизи, родниот град на свети Фрањо, како и Апостолското писмо „Радоста на Евангелието” , нарекувајќи го „програмски документ” на неговиот понтификат, како и на Конзисториумот од минатиот февруари“. „Овие настани покажуваат колку е напната и интензивна првата година од овој понтификат”, рече отец Ломбарди.

За промената во Црквата со овој понтификат ватиканскиот гласноговорник објаснува: „Црквата изгледа како еден народ, кој оди. Се чувствува голема динамика. Папата даде голем импулс и оди заедно со Црквата во потрага на Божјата волја, својата мисија во современиот свет за доброто на сите, оди кон периферијата и границите на светот. Папата Фрањо многу често зборува за пастирите, кои треба да бидат пред, меѓу и позади своето стадо и да му помага да го најде својот пат”.

„Папа Фрањо сака луѓето да разберат дека Бог гледа на своето создание и својот народ во светот и дека никој не е заборавен – дополнува отец Ломбарди. Ова е многу важно и не е измислено од папата Фрањо, туку тој успеа тоа да биде разбрано од многу луѓе. Покажаното внимание кон него од страна на различни институции и медиуми, па дури и од необични, зборува за тоа дека неговото послание достигнало до примателот”. „Всушност, како гласноговорник на Папата секогаш сум го посакувал токму тоа: зборовите на Папата да стигнат директно и непречено до срцата на луѓето”.

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот