Папата: Работете не само „за луѓето, туку и со оние на кои им се помага

Папата: Работете не само „за луѓето, туку и со оние на кои им се помага

Примајќи ги претставниците на фондацијата која го продолжува делото на Божјиот слуга Марчело Канди, поддржувајќи ги најслабите во Бразил, Папата потсети на зборовите упатени од неговиот претходник Павле VI до овој италијански индустријалец и им се заблагодари на присутните за нивната неуморна работа.

Фондацијата која Светиот Отец ја прими во петок 8 април 2022 година е создадена како конкретна последица на мисионерската ревност на италијанскиот индустријалец, Божјиот слуга Марчело Канди, кој во 60-тите години од минатиот век се преселил во Бразил за да им помогне на најслабите. Денес, Фондацијата, под негово име, се обидува да даде континуитет на неговата работа и промовира активности во корист на лепрозните, децата, болните и сиромашните во Бразил, со посебен фокус на Амазон и североистокот, кои се сметаат за најсиромашни во земјата.

Токму поради нивната неуморна работа – веќе имаат 40 години работа зад нив – Папата им се заблагодари на присутните членови, а се потсети и на нивниот основач, кој почина една година подоцна, откако Фондацијата беше основана во 1982 година. Светиот Отец во своето обраќање се осврна на препораките што неговиот претходник свети Павле VI му ги упати на Канди за мандатот што му е доверен.

Свети Павле VI: Избегнување на секаков облика на патернализам

Најнапред, истакна папата Фрањо, Павле VI. на Канди му нагласи дека неговата болница мора добро да се интегрира во локалната реалност и дека таа треба да ги вклучи локалните жители. Треба да се избегнува секаков облик на патернализам, предупреди претходникот на Папата, не треба да се наметнуваат своите идеи на другите, дури и кога тоа се прави добронамерно.

Треба да се гради болница не само за Бразилците, туку и заедно со Бразилците, е уште едно упатство на Павле VI. Ова е општо правило на доброчинство, додаде папата Фрањо: работете со луѓето на кои им е наменета помошта.

Не ги врзувајте луѓето и делата за себе

Друга мудра порака на тогашниот Папа до Марчело Канди беше нивната крајна цел е „повеќе да не бидат потребни“. Не ги врзувајте луѓето и делата за себе, не правете се незаменливи, туку напротив, обучете ги своите соработници и обезбедете стабилност и континуитет, потсети папата Фрањо.

Поддршка на локалната заедница

Папата ги пофали напорите на фондацијата да го следи тој пат, со поддршка на работата на локалната заедница и мисионерите. Друга заслуга на Фондацијата е минималните трошоци за егзистенција, речиси сè оди за потребите во Бразил. На крајот од својот говор Папата ги охрабри присутните да одат напред, во духот и стилот на нивниот основач. Ги благослови присутните и ги замоли да се молат за него и за неговата „нималку лесна“ задача.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот