Никаков индивидуализам не смее да биде во дијалог со Бог, ниту пак изнесување на сопствените проблеми, како да сме единствените на светот кои трпат
Молитвата не е „анестезија“ за да бидеме помирни, мислејќи само на своето „јас“, туку со неа бараме леб за сите сиромашни во светот – рече Папата на Генералната аудиенција во среда, 13 февруари 2019 година, продолжувајќи ја серијата катехези за молитвата Оче наш. Осврнувајќи се на повикот „Отец на сите нас“, Папата се концентрира на начинот на кој Исус нѐ учеше да молиме. Имено, Неговите ученици тоа не го прават стоејќи исправено, на плоштадите за да им се восхитуваат луѓето.
Исус не сака лицемерие – рече Светиот Отец и продолжи: Вистинската молитва е она која се остварува во тајност на совеста и срцето. Видлива е само за Бог. Таа избегнува лага. Не е можно пред Бог да се преправа. Пред Бог нема шминки, кои имаат моќ, Тој нѐ познава такви какви сме во совеста и не можеме да се преправаме. Во коренот на дијалогот со Бог е тивок дијалог, како кога се сретнуваат погледи на две лица, кои се сакаат. Човекот и Бог; кога ќе се сретнат нивните погледи, тоа е молитва. Да се гледа Бог и да се дозволи Бог да не посматра, тоа значи да се моли. Некој ќе каже: Но, оче, јас не изговарам зборови кога молам. Треба да му се одговори: Посматрај го Бог и дозволи Тој да те посматра тебе. Тоа е прекрасна молитва!
Таквата молитва во тесен однос никогаш не престанува да важи – рече папата Фрањо и објасни: Христијанинот не го остава светот пред вратите на своето срце, туку има во срцето личности, прилики, проблеми и многу работи, носејќи ги сите во молитва. Сите многу го ценат зборот „јас“. Но, Исус учи да молиме, имајќи ја во усните пред сѐ зборот „Ти“, затоа што христијанската молитва е дијалог. „Да се свети Името Твое, да дојде Цраството Твое, да биде волјата Твоја“. Не моето име, не моето царство, не мојата волја. Не „јас“, тоа не оди. Целиот втор дел од молитвата „Оче наш“ се изговара во прво лице множина: „Лебот наш насушен дај ни го денес;и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници; и не нè воведи во искушение, но избави нè од лукавиот.“ Тоа се најосновните човечки молби како оние за храна, но сите се во множина. Во христијанската молитва никој не бара леб за себе, туку го моли за сиромашните во светот.
Никаков индивидуализам не смее да биде во дијалог со Бог, ниту пак изнесување на сопствените проблеми како да сме единствени на светот кои трпат – рече Папата и продолжи: Молитвата не е упатена на Бог, ако не е молитва на заедницата, на браќата и сестрите. Ние сме заедница, народ кој моли, станува збор за „ние“. Еднаш еден затворски капелан ми постави прашање: „Кажете ми оче, кое е спротивното прашање од „јас“? Во својата наивност одговорив: „Ти“. Но тоа е почеток на војна. Спротивниот збор од „јас“ е „ние“, таму каде е мирот и каде што сите сме заедно. Тоа е убава порака, која ја добив од тој свештеник.
Христијаните во молитвата ги носат сите тешкотии и болки на луѓето, кои живеат покрај нив, многу лица на пријатели, па и на непријатели – рече Светиот Отец и додаде: Ако некој не сфати дека околу него има многу луѓе кои страдаат, ако не се сожали на солзите на сиромашните, ако е навикнат на сѐ, тоа значи дека неговото срце е свенато. Уште повеќе, тоа е како камен. Во тој случај треба да го молиме Господ да нѐ допре со својот Дух и да го омекне нашето срце: Господи омекни го моето срце како би можел сите проблеми и болки на другите да ги разберам и да ги преземам на себе.
Од друга страна, Христос не помина „неповреден“ од бедата на светот – рече Папата и додаде: Секогаш кога се соочи со осаменост, страдање на телото или духот, чувствувал голема сомилост. Можеме да се прашаме: Кога се молиме, дали се отвораме за крикот на многуте луѓе кои ни се блиски и далечни: Дали мислиме на молитвата како на некој вид анестезија за да би биле помирни? Во тој случај би биле жртви на страшно недоразбирање. Секако, нашата молитва повеќе не би била христијанска. Затоа што она „ние“ на кое нѐ научи Исус, нѐ спречува да бидеме сами во мир, нѐ поттикнува да се чувствуваме одговорни за своите браќа и сестри.
Исус нѐ поттикнува да молиме и за оние луѓе кои наизглед не го бараат Бог, затоа што Бог ги бара тие луѓе повеќе од сите други – рече Папата и нагласи: Исус не дојде за здравите, туку за болните и грешните, односно за сите, затоа што оној кој мисли дека е здрав, во реалноста не е. Ако работиме за правда да не се чувствуваме дека сме подобри од другите. Отецот дава Неговото сонце да изгрева и за добрите и за злите. Отецот сите ги љуби! Да учиме од Бог кој секогаш е добар кон сите, за разлика од нас кои успеваме да бидеме добри само кон некои кои нам ни се допаѓаат. „Светци и грешници“, сите ние сме љубени браќа од истиот Отец, на крајот од животот ќе бидеме судени според љубовта и според тоа како сме љубеле. Не се работи само за чувствителна љубов, туку за сочуствителна и конкретна.
Ватикан њуз/к.мк