Пустината е средба најпрво со себе и со своето сопствено јас. Пустината е простор каде мораме да се пресметаме со злото во себе и со своите лични лаги, како и со колективните лаги и заблуди, ако сакате, идологии кои нѐ окупирале.
Во текот на Великиот пост, пустината ни се наметнува како простор на средба со Бог. Зошто токму пустината? Главно сме запознати што се подразбира под поимот пустина и како таа географски изгледа. Но, што би морала да биде пустината во контекст на духовната собраност и можноста за средба со Бог? Исус од Духот бил воден во пустината. Меѓутоа во таа пустина, Исус немал само средба со својот Отец небесен и ангелите кои му служеле, туку во пустината се сретнал и со сатаната која го ставала на искушение.
Дали тогаш одењето во пустина само по себе е опасно? Да. Секој духовен чекор е предизвикувачки и опасен и без искушенија никој нема да помине ако сака да го сретне Бог. Меѓу останатото, Исусовиот повик на следбениците е јасен: Ако некој сака да врви по Мене… нека го земе својот крст и нека врви по Мене. Во понудата е вклучено и искушението. Сето она на што Исус го повикува човекот, тој го поминал и го искусил. Затоа и повикот во пустината, всушност е повик да го следиме Исуса. Дали пустината е бегство од светот или подготовка за да влеземе комплетни и обновени во конкретноста на светот. (…)
Пустината е средба најпрво со себе и со своето сопствено јас. Пустината е простор каде мораме да се пресметаме со злото во себе и со своите лични лаги, како и со колективните лаги и заблуди, ако сакате, идологии кои нѐ окупирале. Затоа пустината, во спортска смисла кажано, еден вид на карантин кој нѐ одвојува од масите и светот каде не можеме да се слушнеме себе ,ниту да сфатиме што светот е воопшто.
Спротивно на пустината, на современиот човек му се наметнува постојано присуство на говорот, бучава, музика, дружење, брз и зафатен ритам. Божјата понуда е понуда на молчење, собраност, изолација, смирение на духот. А понудата на светот спротивно на тоа. Во пустината се оди на ограничено време. Духовната „пустина“ не смее да биде трајно бегство од одговорностите затоа што сме повикани да бидеме навестители на Радосната вест. Ако пак останеме премногу кратко, нема да ги видиме плодовите. Исус се враќа од пустината и ги изговара зборовите: „Времето се исполни и царството Божјо наближи, покајте се и верувајте во Евангелието!“ (Мк 1, 15) Ете, тоа е плодот на пустината: лична обнова на верата, победа над предизвиците на злото и понудите од сатаната и прифаќање на Бог како единствен Спасител. Тоа е суштината на заминувањето во пустина. Затоа е важна осаменоста, духовната обнова, која може да се случува и во тишината на твојот внатрешен храм или твојата соба. Да се избориш за простор на тишина е задача без која не ќе имаме што да му кажеме на светот.
Затоа е важно гласно да се бориме за молчењето! Додека не создадеме атмосфера во која ќе можеме најпрво да го слушнеме Бог, немаме што да му кажеме на секуларизираниот свет. Евангелизацијата, повикот на преобраќање, започнува од средбата со живиот Бог. Уште одамна еден духовен автор напишал: „Да се евангелизира не значи да се проширува христијанскиот систем. Да се евангелизира значи да се живее, плаче, да се смее, да се работи и умира во светот за другите и заедно со нив да се биде откупен.“ Сѐ е јасно. Ниту евангелизација, ниту навестување нема без спуштање на човечката конкретност. Многумина ќе кажат дека најпрво доаѓа антропологијата, па дури потоа теологијата ако сакаме другите да ги допреме со радоста на сопствените плодови кои преку благодатите сме ги добиле во својата осаменост или пустина. Некој ќе констатира дека е лесно да се каже, а тешко да се оствари затоа што ние живееме во светот на зло. Добро. Но, што ќе кажеме на тоа дека Исус во својата пустина бил опкружен со ѕверови? Во времето на првите навестувачи опкружувањето за навестување и говорот за Христос во многу нешта било тешко. Кој успеал во тоа? Успеале оние кои знаеле дека Бог е нивно сѐ и како многу светци тоа го изговарале: „Бог мој, сѐ мое.“ Нема навестување без искуството на средбата со Бог во што ни е пример свети Павле. Тој прифатил целосен ризик и својот живот постојано го изложувал на страдање за да навести дека постои Исус Христос. Тоа го правел во „погодно време и во невреме“ (2Тим 4, 2). Во оваа атмосфера можеме да сфатиме заради што е клучно да ја пронајдеме својата пустина, па макар таа да е оддалечена само една врата од нашата канцеларија или дневен престој.
Гласник мира/к.мк