Слово за живот, септември 2023

Слово за живот, септември 2023

„Ќе Те превознесувам, Боже мој, Царе мој, и ќе го благословувам името Твое сега, секогаш и во сите векови“ (Псалм 145 [144], 2)

Словото од Светото Писмо понудено за овој месец за да ни помогне на нашиот пат е една молитва. Тоа е стих преземен од Псалм 145. Псалмите се збирка стихови кои го одразуваат индивидуалното и заедничкото религиозно искуство на израелскиот народ на нејзиното историско патување и во различни предизвици. Молитвата преведена во поезија се издигнува до Господа како жалба, молба, благодарност и пофалба. Во овие повикувања, човек го изразува својот живот и неговиот однос со живиот Бог во сета негова разновидност на чувства и ставови.

Централната тема на Псалм 145 е Царството Божјо. Врз основа на личното искуство, псалмистот ја воздигнува Божјата величина: „Велик е Господ и достоен за голема похвала“ (стих 3). Тој ја слави Неговата добрина и универзалноста на Неговата љубов: „Добар е Господ спрема сите, и Неговите милости се во сите Негови дела“ (стих 9); ја препознава Неговата верност: „Верен е Господ во сите Свои зборови“ (стих 13б), и го вклучува секое живо суштество во вселенската песна: „Секое тело ќе го благословува името свето. Сега, секогаш и во сите векови“ (стих 21).

„Ќе Те превознесувам, Боже мој, Царе мој, и ќе го благословувам името Твое сега, секогаш и во сите векови“ (Псалм 145 [144], 2)

Меѓутоа, современиот човек понекогаш се чувствува изгубено и има впечаток дека е оставен сам на себе. Тој се плаши дека случајноста преовладува во низата секојдневни настани, дека тоа е низа на настани без смисла и цел.

Овој псалм носи охрабрувачка порака на надеж: „Бог е творец на небото и земјата, тој е верен чувар на Заветот што го врзува со својот народ, Тој е оној што ја враќа правдата на угнетените, дава леб што ги храни гладните и ги ослободува затворениците. Тој ги отвора очите на слепите, ги подига паднатите, ги бакнува праведните, го штити странецот, ги поддржува сираците и вдовиците.“ [Иван Павле II. Генерална аудиенција, 2, јули 2003 година, Коментар на Псалм 145]

„Ќе Те превознесувам, Боже мој, Царе мој, и ќе го благословувам името Твое сега, секогаш и во сите векови“ (Псалм 145 [144], 2)

Ова Слово нѐ повикува пред сè да го негуваме нашиот личен однос со Бога, прифаќајќи ја, без резерва, Неговата љубов и милост при тоа, стоејќи пред тајната и слушајќи го Неговиот глас. Тоа е основа на секоја молитва. Но, таа љубов никогаш не се одвојува од љубовта кон ближниот. Кога го наследуваме Бог Отецот во конкретната љубов кон секој брат и сестра, особено кон најмалите, отфрлените и осамените, тогаш почнуваме да го забележуваме Неговото присуство во нашиот секојдневен живот. Кога Кјара Лубик беше поканета да го претстави своето христијанско искуство на еден собир на будисти, таа тоа го сумираше вака: „Сржта на моето искуство е ова: колку повеќе го сакаме човекот, толку повеќе го наоѓаме Бога. Колку повеќе го наоѓаме Бога, толку повеќе го сакаме човекот.“  [M. Vandeleene, Io, il fratello, Dio nel pensiero di Chiara Lubich, Città Nuova, Рим 1999, стр. 252]

„Ќе Те превознесувам, Боже мој, Царе мој, и ќе го благословувам името Твое сега, секогаш и во сите векови“ (Псалм 145 [144], 2)

Но, постои уште еден начин да се најде Бог. Во последните децении, свеста на човештвото за еколошкиот проблем расте. Иницијатори на оваа промена се претежно младите луѓе. Тие предлагаат поумерен начин на живот додека ги доведуваат во прашање развојните модели, се залагаат за правото на сите жители на планетата на вода, храна, чист воздух и истражување на алтернативни извори на енергија. На тој начин човекот не само што го обновува својот однос со природата, туку и Го прославува Бога, бидејќи со восхит ја открива Неговата нежност кон целото создание.

Такво е искуството на Венант. Како дете во родниот Бурунди, тој се разбудил в зори од звукот на пеењето на птиците и поминал десетици километри низ шумата на пат кон училиштето. Чувствувал целосна хармонија со дрвјата, животните, потоците и ридовите и со своите пријатели. Помешан со природата, тој се чувствувал како жив дел од екосистемот каде суштествата и Создателот се во целосна хармонија. Таа свест стана славење, не повремено, туку постојано.

Некој може да се запраша: што е со нашите градови? „Во нашите бетонски метрополи, изградени од човечка рака среде вревата на светот, природата ретко е зачувана. Но сепак, ако сакаме, навестувањето на синото небо помеѓу врвовите на облакодерите е доволно да нè потсети на Бога; доволен е сончевиот зрак што продира дури и низ затворските решетки; доволен е цветот, ливадата, детското лице…“ (К. Лубик, 22 септември 1988 година).

Подготви: Августо Пароди Рејс и тимот на Слово за живот

 

Категорија: Вера, Духовност

За авторот