Војниот бискуп во БиХ монс. Вукшиќ го предводеше свеченото Евхаристиско славење по повод прославата на патронот на Скопската бискупија и скопската парохија

На 3 јуни 2016 година на празникот Пресвето Срце Исусово, заштитникот на Скопската бискупија и скопската катедрална парохија во Скопје, свеченото Евхаристиско славење го предводеше војниот бискуп во Босна и Херцеговина монс. д-р Томо Вукшиќ.

Во концелебрација со бискупот Вукшиќ беа месниот ординариј монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх, скопскиот парох дон Давор Топиќ, парохискиот викар дон Јошт Мезег, како и свештеници од бискупијата и апостолскиот егзархат.

Исто така присутни на Светата Литургија беа директорката на комисијата за односи со верските заедници Валентина Божиновска, амбасадорката на Р. Хрватска Данијела Баришиќ и амбасадорот на Р. Словенија Бранко Раковец.

На самиот почеток следеше процесија околу катедралата со иконата на Пресветото Срце Исусово, која ја носеа Виолета Брзова и Божанка Ристова, а се пееја литургиски песни во чест на Божанското Срце. По доаѓањето во катедралата на почетокот од Литургијата поздравна реч изрече бискупот Стојанов изразувајќи радост дека за оваа пригода, прослава на патронот на скопската бискупија и парохијата, Евхаристиското славење го предводи војниот ординариј монс. Вукшиќ.

Во пригодната проповед бискупот Вукшиќ говореше за срцето како орган во човечкото тело кој во секојдневниот говор се споменува многу почесто отколку било кој друг. „Во обичниот човечки говор срцето се споменува во многу различни значења, меѓутоа сите се редовно поврзани со чувствата и тоа најчесто со љубовта. Така се вели: добро срце, големо срце, да се допре до срцето; да се поклони срцето на саканата личност, срцето им затрепери од љубов; срдечни, сесрдни, меѓутоа исто така срце кое се раскинува од болка, тврдо срце, без срце, има срце. Во библискиот говор срцето има многу пошироко значење од подрачјето на чувствата. На него му се препишуваат исто така чувства, намисли, одлуки. Според Стариот Завет Бог на луѓето им даде срце да размислуваат, а мислите на Божјото срце го означува Божјиот план со луѓето. Човекот гледа на очите, а Бог гледа што е во срцето (1Цар 16,7). Господ треба да се бара со целото свое срце и кога ќе Го најдеме да застанеме пред Него со раскајано срце, молејќи Го да ни создаде чисто срце. Во Новиот Завет Исус ја презема науката на пророците. Предупредува дека од срцето доаѓаат зли мисли, убиства, прељубодејства, блудност, крадење, лажни сведоштва, пцости. Затоа само на чистите по срце им ветува дека ќе го гледаат Господ, и таа чистота е Тој самиот Кој е кроток и со понизно срце (Мт 11,29)“.

Говорејќи за телесното срце кое заболоува па е потребно да се лекува бискупот рече: „Исто така на духовно подрачје – епидемии и лекувања, многу срца станаа тврди, скаменети, злобни, безбожни, бесчувствителни, немилосрдни, завидни, воинствени, горделиви, љубоморни, скржави… Тоа се всушност имињата на најголемите срцеви болести. Овие епидемии пустошат по светот, а последиците се страшни. Денес се собравме на овој духовен сервис на своите срца во овој духовен санаториум. Од себеси, зададена Божја слика, треба да се сообличиме на Срцето Исусово и да направиме вистинска слика и прилика Божја. Нека нашите срца, Исус ги направи според срцето свое“.

После попричесната молитва бискупот Вукшиќ ги предмолеше Литанијата во чест на Пресветото Срце Исусово, пред статуата на Пресвето Срце Исусово – пред која како девојче молела блажена Мајка Тереза. Потоа беше прочитана честитката за прославата на патронот од апостолскот нунциј монс. Анселмо Гвидо Пекорари.

На крајот бискупот Стојанов му се заблагодари на бискупот Вукшиќ за доаѓањето и за охрабрувачките зборови во верата и му подари икона на Блажена Дева Марија, по што поделија Апостолски благослов со потполн опрост.

Заедништвото помеѓу верниците, свештениците и бискупите беше продолжено во дворот на катедралата со агапе и песна, предводени од парохискиот бенд „Агапе“.

Свеченото евхаристиско славење го возвеличи катедралниот хор под диригенство на с. Татјана Атанасова, како и октетот „Коскаров“ кои свиреа на труби под водство на проф. Љупчо Коскаров.

к.мк

Фото: Јадранка Чадиковска

повеќе фотографии:

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот