Прославен празникот Пресвето Срце Исусово во Скопје

Прославен празникот Пресвето Срце Исусово во Скопје

Во петок, 8 jуни 2018, на празникот Пресвето Срце Исусово, заштитник на Скопската бискупија и парохиската црква во Скопје, свеченото литургиско славење го предводеше хварскиот бискуп, монс. д-р Петар Палиќ.

Со бискупот Палиќ сослужуваше и месниот бискуп и епарх монс. д-р Киро Стојанов, катедралниот парох дон Давор Топиќ, свештениците од бискупијата како и гости свештеници од Косово и Србија.

На Литургијата присуствуваа претставници од Комисијата за односи со верските заедници и религизони групи, амбасадорката на Р. Хравтска Даниела Баришиќ и амбасадорот на Р. Италија Карло Ромео.

Почетокот беше проследен со процесија околу катедралата со иконата на Пресвето Срце Исусово, која ја носеа Виолета Брзова Ханџиска и Марија Туниќ, а се пееја и песни во чест на божественото Срце.

По доаѓањето во катедралата на почетокот на Литургиското славење поздравен збор упати бискупот Стојанов: ,,Превозвишени брате во бискупството, драги дон Петар! Срдечен поздрав под сводовите на оваа катедрала Пресвето Срце Исусово која ги негуваше почетоците на твојот духовен повик. Како се чудни патиштата Божји и неистражени тајните Божји. Син сте на нашето славно Јањево на тогашната Скопско- призренска бискупија. Во скромноста и недостатокот во тогашното време Бог обилно го благослови убавото Јањево со духовни повици покажувајќи дека вистинското богатство е духовно богатство, а вистинската среќа – среќата на семејниот благослов. На младиот Петар Бог му поделил дар на духовен повик, кој своите чекори почнал да ги чекори во оваа семинарија овде во Скопје, а своите молитви, потешкотии и накани ги доверувал на Бог и Неговото Срце во оваа катедрала. Потоа патиштата го водеа на север во семинаријата во Суботица и во богословијата во Загреб, за потао младиот јањевски свештенички кандидат да побара свештенство во древната, важна и горда Дубровничка бискупија. Така чудесно се затвори кругот: Јањевци, древната Дубровничка колонија, се враќаат кон своите извори: Дубровник. Таму нашиот дон Петар како скромен свештеник соработник на двајца бискупи го оправда свештеничкото посветување со работа, молитва, побожност во духовноста. Во Грац го збогати своето теолошко знаење и го круниса со докторат. Само што се предаде со целата своја сила на работата во Дубровник Хрватската бискупска конференција го одбра за Генерален секретар на истата Конференција. Во таа служба папата Фрањо го забележа и го вброи во апостолските наследници, го именува за Хварско – брачко –вишки бискуп“, рече бискупот Киро Стојанов продолжувајќи понатаму :

Драги дон Петар, Хварски бискупе, биди поздравен во првите месеци од својата бискупска служба во оваа наша и некогаш твоја катедрала. Запалените три свеќи на Јадранските сини острови довери ги на ова Срце, кое низ сето ова време те водеше и инспирираше. Веруваме дека твоето срце чука со поинаков жар кога ќе се сетиш на своите скопски денови и дека сега, на овој празник твојата бискупија е тука на нашиот олтар. Ќе ти помогнеме со молитви за Твоите накани, а благодарни сме што својот бискупски пат го доверуваш на Срцето Исусово во оваа катедрала која ги чува твоите почетни чекори кон свештенството. Одведи ги на отворено море – би рекол нашиот свети Иван Павле ll – кој што имаше чест да го сретнеш во Дубровник. Одведи ги на отворено море, бидејќи Исус денес ти говори: Фрли ја мрежата за риболов или ќе те направам риболовец на луѓе. Нека ти се полнат мрежите со Божјото Слово и нека ти е обилен уловот. Те молиме во своите молитви да го вклучиш и Јањево и своето Скопје и сите нас! Нека е благословен Господ кој те повика, посвети и прати на заливот! Превозвишени, сега најмлад бискуп во Хрватската бискупска конференција, биди благословен во својата верна служба во Пресветото Срце Исусово на кое те доверуваме.“

Во пригодната хомилија бискупот Палиќ истакна дека денешното прочитано Божјо Слово ни помага да влеземе во тајната на Божјото срце и ги повика присутните конкретно тоа ,,Божјо Слово за Божјото срце да проговори во нашето срце.” ,,Читањето од книгата на пророкот Осија укажува на случајот на човековата љубов и ја споредува со Божјата љубов кон човекот: љубовта на родителите кон своите деца. Родителите, кои за своите деца го прават секое можно добро дело, кои се грижат за нив и им помагаат да растат и воспитувајќи ги, мора да поминат низ периодот на напуштање: односно децата да ги напуштат па дури и  да ги остават сами. Ова искуство на скратен начин е опишан во денешното читање но јасно укажува на тоа ‘Нема повеќе на гневот да му дадам замав, повеќе нема да ги потиснувам Ефраимите. Бидејќи јас сум Бог, а не човек. Светец помеѓу тебе – нема повеќе гневен да доаѓам.’ Така овој библиски извадок дава нова светлина на нашето размислување: човековата љубов е полна со неразбирање и рани, завист, ривалство, па и гнев. Често луѓето и Бог го доживувале така. Но, сепак, тој е Бог, а не човек, и затоа не го зафаќа сенката на гневот. Тоа е првата тајна на Божјото срце. Тој е Бог, и човекот ја чувствува таа Божја љубов дарувана и незаслужена. Божјата љубов и неговата наклонетост кон нас не зависи од нашите способности, од нашата доброта, интелегенција и заслуга. Бог нас нѐ љуби бидејќи е полн со милосрдие и доброта. И секој Божји избор и Божји повик е плод на неговата љубов. А ние сме повикани да одговориме на таа Божја љубов, чувајќи и вршејќи ги неговите заповеди, бидејќи тие се потреба и наш одговор на даруваната Божја љубов“, рече бискупот Палиќ.

Тојистакна дека таа љубов, која во Стариот Завет е прикажана во односот помеѓу  Бог и избраниот народ, во Новиот Завет е остварена во посланието на Исус од Назарет и во дарот на Исус од Назарет. ,,Исусовата љубов, љубов на Исусовото срце. Исус Христос е голем дар кој Бог му го дарувал на човештвото : Син пратен за нашиот живот и за нашето спасение. И тоа е втората тајна на Божјото Срце. Бог не останал далечен, скриен Бог, таинствен Бог. Тој се објавил, ја покажал својата љубов во својот Единороден Син Исус Христос. За таа љубов на Срцето Исусово ни сведочи и денешното Евангелие, кое нѐ води под крстот. На крстот виси Исусовото тело, а од прободеното срце тече крв и вода“, рече бискупот Палиќ и продолжи: ,, Третата тајна на Божјото Срце веќе сите ние ја разбравме, кои се собравме денес на оваа свеченост и ја славиме заедно оваа Евхаристија. Исус ни порачува на сите нас: ,,Дојдете кај мене сите уморни и оптеретени и јас ќе ве одморам… Учете се од мене бидејќи јас сум кротко и понизно срце… и ќе најдете спокој за душите свои (Матеј 11, 28 ). И ние денес, драги браќа и сестри, смееме да одиме и доаѓаме кај Исус. Доаѓаме кон отвореното и прободено Срце Исусово за да гледаме во него и да учиме од него. Да учиме да бидеме со кротки и понизни срца, бидејќи само така ќе најдеме спокој за душите наши. Срце Исусово не е празник богат со слики од далечната историја.Тоа е празник кој и денес сака да ни каже дека Бог во Исус Христос е голем , можеме да го споредиме со срце, со она што го издржува и поддржува нашиот живот. Тој е Бог кој се дарува. Тој е Бог, кој и нашето срце, кое е поголемо од само еден обичен телесен мускул сака да го зафати и распламти. Да му го дозволиме тоа. Да му го отвориме своето срце и да молиме со Црквата: Исусе со благо и понизно срце! Направи го нашето срце според твоето срце ”.

После молитвата Верувам следеше молитва на верните комбинирана со приносот на дарови каде се принесе и јањевска погача, вино, книгата на Папата ,,Бог е млад” и букет цвеќе.

После молитвата по причеста бискупите ја измолија посветната молитва на Пресветото Срце Исусово пред статуата на Срцето Исусово. Потоа младите му врачија пригодни дарови на бискупот Палиќ, а парохискиот бенд на млади ,,Агапе“ отпеаја пригодна песна, посакувајќи му добредојде на бискупот Палиќ со мелодијата од песната  „Dok palme njišu grane…“

За време на Литургијата пееше катедралниот хор под водство на с. Татјана Атанасова. Заедништвото помеѓу верниците, свештениците и бискупите продолжи и во дворот на катедралата преку прием и песна од парохискиот бенд на млади ,,Агапе”.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот