Фрама од Словенија во посета на Скопската парохија

 Од 26 до 30 октомври 2015 година во Македонија престојуваше група на млади кои го сочинуваат народниот совет на фрањевската младина и деца (ФРАМА) во Словенија. Групата ја водеше провинцијалот на словенската провинција на капуцини, фра Владо Коленко, а меѓу присутните беше и една школска сестра од свети Фрањо и Христос Цар, с. Урша Маринчиќ и уште шест млади кои неуморно работат на подрачјето на фрањевската младина и деца по цела Словенија. Целта на средбата беше меѓусебно поврзување, рефлексија на досегашната работа и планирање на нови активности, а посебно запознавање на Македонија, за нив сѐ уште непозната земја.

За време на престојот групата беше сместена во просториите на пасторалниот центар, каде беа срдечно примени од парохот дон Давор Топиќ, и еден дел во манастирот на сестрите Усмиленики во Скопје.

Овие денови заедно со капеланот на скопската парохија, дон Јошт Мезег, можеа да ги разгледаат градовите Скопје и Охрид.

Младите посебно се израдуваа на средбата со Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монс. д-р Киро Стојанов, со кој заедно се искачија на врвот Водно, каде се наоѓа Милениумскиот крст, а потоа бискупот ги почасти со ручек во ординаријатот. Во средбата со пастирот на оваа месна Црква можеа да го осетат гостопримството и отвореноста, а исто така имаа можност да слушнат нешто повеќе за нејзината историја и актуелен живот.

Во четвртокот вечерта групата присуствуваше на средбата со младите на скопската парохија каде можеа да го споделат своето искуство на фрањевската духовност и искуство на аниматорската работа со младите и децата. Младите од скопската парохија, од кои некои во текот на ова година ќе учествуваат на формацијата за аниматори во Надбискупискиот центар Иван Павле II  во Сараево, беа воодушевени и покажаа голем интерес за овој начин на делување во Црквата. Дружењето продолжи со песна, разговор и играње на пинг понг.

Групата на водители на словенската Фрама се врати во Словенија збогатена со ново искуство, но и Црквата во Македонија е благодарна за дарот од оваа средба и се радува за соработка во иднина.

 к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
 
Категорија: Македонија

За авторот