Во скопската парохија одбележан Светскиот ден на болните

На 11 февруари 2016 на празникот Богородица Лудрска во парохијата Пресвето Срце Исусово во Скопје беше одбележан Светскиот ден на болните. Средбата започна во утринските часови со собир во Пасторалниот центар на старите и болните лица. На почетокот на средбата присутните ги поздрави скопскиот парох дон Давор Топиќ.

Потоа присутните пееа песна во чест на Богородица Лурдска „Во пештерата Марија се јави…“ а пригодно предавање кое беше инспирирано од овогодишната катехеза на папата Фрањо за Светскиот ден на болните, одржа Марија Микулец. По оваа катехеза, дел од присутните се јавија за збор коментирајќи ги зборовите на Папата како зборови полни со љубов и нежност, исто така кажаа дека овие средби им даваат сила во нивното страдање и самотија, во нивните животи носат надеж и сила во прифаќањето на страдањето.

По кафе – паузата присутните се упатија во катедралната капела Света Ана каде молеа Бројаница и имаа прилика за света исповед, а потоа следеше света Литургија која ја предводеше монс. д-р Киро Стојанов, кој во својата проповед упати зборови полни со вера и охрабрување низ поврзаноста во животот со Мајка Марија. За време на светата Миса бискупот Стојанов ја подели светата тајна елеопомазание, а средбата продолжи во салата при пасторалниот центар со заедничко агапе. Во таа прилика, Ена Абјаниќ од Радио Марија Македонија ги запозна присутните со постоењето на Радио Марија во Македонија и мисијата на ова радио.

На крајот на средбата, при заминувањето на присутните беше видлива големата благодарност кон Црквата и радоста на нивните лица заради средбата која во нивното секојдневие им ја донесе бесплатната Божја љубов. Особено голема благодарност изразија кон дон Јошт Мезег и сестра Наталија за овозможениот пренос со парохиското комбе за оние кои не беа во можност самите да дојдат на оваа средба, како и на сестра Татјана за пеењето на светата Литургија и на сестра Роберта која се погрижи за агапето.

к.мк/Е.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот