(Видео) Божиќна честитка на Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. Киро Стојанов

(Видео) Божиќна честитка на Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. Киро Стојанов

Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх по повод празникот Рождество Христово упати честитка, која Католици.мк ја пренесува во целост

„Еве, стојам пред вратата и тропам. Ако некој го слушне гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене!“ (Откр 3,20).

Браќа и сестри! Евангелието ни носи извештај дека Бог бара засолниште, но и дека нема место за Него (сп. Лк 2,7). „Дојде кај Своите, но Своите не Го примија“ (Ив 1,11). Бог бара простор во овој наш свет и во нашиот живот. Дали сме подготвени да го прифатиме, да му дадеме место и простор меѓу нас и во нашиот живот? Бидејќи, нашиот Бог, не може да се заклучи во црквите, и не му е доволно да само еднаш седмично поминеме неполн час со Него на богослужението. Тој преку пророкот ни порачува: „Небото е Мој престол, а земјата подножје на нозете Мои! Каде тогаш ќе изградите дом за Мене, каде е местото на Мојот спокој? Зашто, сето тоа го создаде Мојата рака, и сето тоа е мое (Исаија 66, 1-2). Единственото прифатливо место што може да му го понудиме е нашето срце. Сигурно на Бог му се мили и црквите, всушност тие се место што не потсетуваат на Неговото постојано присуство меѓу нас. Места каде што се собираме како заедница и каде доаѓаме пред Него. Но, за Бог е поважно да му дадеме простор во нашиот  живот.

Во оваа Божиќно време, Црквата нè учи да ја живееме нашата христијанска хуманост, молејќи го Бога што нас во своето достоинство, чудесно нè создаде, а уште почудесно не препороди, да ни даде дел во божественоста на Неговиот Син, кој ја зеде нашата човечка природа (хорска молитва). Нека со нашата посветеност и меѓусебното дарување овој свет биде посветол, потопол и похуман. А тоа ќе се оствари ако едни со други излеземе во пресрет, не затоа што мораме, туку од љубов, како што Бог со своето овоплотување ни излезе во пресрет.

На сите христијани, во годината кога нè посети Христовиот намесник на земјата Светиот отец Папа, им посакувам Честит празник Рождество Христово – Божик, а на сите граѓани на нашата земја посакувам да ги прати секогаш и насекаде Божјиот благослов и Неговата неизмерна благодат исполнета со радост и мир! Христос се роди!

За авторот