Вечера Господова во Скопската катедрала

Вечера Господова во Скопската катедрала

На Велики Четврток, 1 април 2021 година во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје, монс. д-р Киро Стојанов, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх ја предводеше свечената Литургија на Вечерата Господова, на која сослужуваа катедралниот парох дон Паво Шекерија и бискупскиот канцелар о. Марјан Ристов.

Пригодна проповед упати дон Паво Шекерија, кој се осврна на две свети Тајни на Црквата, Светата Евахристија и Свештеничкото ракополагање, при што истакна: ,,Драги браќа и сестри, нашиот предобар Спасител Исус Христос воспостави и остави траен споменик на неговата љубов – Пресветата Олтарска Тајна. (…). Оваа света Тајна Исус ни ја остави како света храна, дар за нашето патување додека патуваме по оваа земја кон вечниот живот. Низ историјата стара над две илјади години, нашите христијански семејства, нашите предци, прадедовци, баби и дедовци, татковци и мајки, момчиња и девојки, деца и сите заедно добиваа сила за живот од Евхаристијата и така се одржаа во овој минлив свет, во оваа долина на солзи, патувајќи кон татковината на вечниот живот, каде што нема болка и тага, каде нѐ чекаат нашите мили и сакани починати кои му беа верни на Христос Спасителот на светот, каде што Бог ќе избришете ја секоја солза од нашите очи, а тоа е вечниот живот.

Зборувајќи за светата Тајна Свештеничко ракополагање рече: Нашиот драг Спасител ја воспостави и светата Тајна свештеничко ракополагање. Исус не сакал светотаински да биде соединет само со своите апостоли, туку и со сите свои верни. Затоа тој ќе каже: „Правете го ова во мој спомен.“ Тој ги ракоположи апостолите за свештеници и ја востанови светата Тајна Свештеничко ракополагање, со кои на наследниците на апостолите, епископите и свештениците им се даде власт на светата Литургија да го прават она истото што Исус го направи на Последната вечера. Овој жив настан, Евхаристијата, некрвна Христова жртва, и денес се опристунува на секоја света Литургија во претворбата преку рацете на свештениците. Кога Исус плодовите на земјата и делото на човечките раце – лебот – ќе ги претвори, во негово Тело кое ќе стане леб на животот и виното плод на лозата и дело на човечките раце во неговата крв, ќе стане наше духовно питие.

Својата проповед дон Паво Шекерија ја заврши со зборовите: Ве поканувам, ако некој е тажен, нека дојде со нас да ја прослави оваа Пасха, која е извор на радост и извор на живот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот