Папата Фрањо: Господ доаѓа да нѐ ослободи во ситуации кои изгледаат безнадежни

Папата Фрањо: Господ доаѓа да нѐ ослободи во ситуации кои изгледаат безнадежни

Светиот Отец во втората недела од Адвент, 5 декември 2021 година, служеше света Литургија со грчките верници во концертната сала Мегарон во Атина, каде истакна дека Бог го сака она што е мало и понизно и дека Христос бара само да ги отвориме вратите за да правиме чуда.

Евангелието од денешната Литургија пред нас го става ликот на свети Иван Крстител. Посебен акцент е ставен на местото каде што се појавува Иван, пустината, и на содржината на неговата порака, повикот за преобраќање. Евангелието ги нагласува овие два збора на тој начин што сфаќаме дека тие директно не засегаати  нас, објасни папата Фрањо и ги повика верниците повнимателно да размислуваат за тие зборови.

Од високите рангови во пустина

Додека можеби би очекувале Божјото Слово да дојде до некоја од истакнатите личности спомнати во евангелскиот пасус – императорот Тивериј, Понтиј Пилат, Ирод, Ана, Кајафа – наместо тоа, се појавува суптилна иронија. Од високите рангови на моќ, ненадејно преминуваме во пустината кај непознат, осамен човек. Бог нѐ изненадува. Неговите начини нè изненадуваат затоа што се разликуваат од нашите човечки очекувања; тие не ја одразуваат моќта и големината што ги поврзуваме со него. Господ најмногу го сака она што е мало и понизно. Откупението не започна во Ерусалим, Атина или Рим, туку во пустината. Овој парадоксален пристап, истакна Папата, ни кажува нешто убаво: да се биде моќен, високообразован или славен не е гаранција дека ќе му угодиме на Бога, бидејќи тоа всушност може да доведе до гордост и отфрлање. Наместо тоа, мора да бидеме сиромашни одвнатре, како пустинска сиромаштија.

Иван Крстител, Претечата, го подготвува Христовото доаѓање на ова непристапно, негостопримливо и опасно место, забележа Папата. Кога луѓето сакаат да направат некоја важна објава, одат на импресивни места каде што е лесно да се видат и се обраќаат до голем број луѓе. Напротив, Иван проповеда во пустината, каде што се открива славата Господова. Како што пророкуваше Светото Писмо (сп. Исаија 40,3-4), Бог ја претвора пустината во море, исушената земја во извори на вода (сп. Исаија 41,18). Еве уште една охрабрувачка порака, истакна Светиот Отец: и тогаш, како и сега, Бог го насочува својот поглед онаму каде што изобилува тагата и осаменоста. Тоа можеме да го доживееме во нашите животи, рече тој. Сè додека уживаме во успехот или мислиме само на себе, Господ често не може да допре до нас; но во моменти на искушение тој го прави тоа. Ни доаѓа во тешките ситуации; ја исполнува нашата внатрешна празнина; ја посетува нашата егзистенцијална пустина.

Нема место кое Бог нема да го посети

Без разлика дали како поединци или како нација, рече Папата, во нашите животи секогаш ќе има моменти кога ќе се чувствуваме како да сме среде пустина. Но, токму таму Господ прави да го почувствуваме неговото присуство. Навистина, нагласи Папата, често не дочекуваат оние кои се задоволни со себе, туку оние кои се чувствуваат беспомошни и несоодветни. Господ доаѓа со зборови на близина, сочувство и нежност, потсети Папата.

Проповедајќи во пустината, Иван нè уверува дека Господ доаѓа да нè ослободи и да нè оживее во ситуации кои изгледаат непоправливи, безнадежни, безизлезни. Нема место кое Бог нема да го посети. Денеска се радуваме што гледаме како ја избира пустината, како со љубов допира до нашата маленост и ги освежува нашите исушени души, рече Папата потсетувајќи ги верниците, како што им порача вчера на епископите, свештениците, монасите и катехистите во Грција, да не се плашат од маленоста, како и од ситуацијата на сувост.

Размислувајте понатаму

Размислувајќи за вториот збор нагласен во евангелскиот пасус – преобраќање, Папата рече дека зборот може да биде „непријатен“. Како што не би помислиле прво да одиме во пустината, така и повикот за преобраќање секако не е првиот збор што сакаме да го слушнеме, рече тој. Говорот за преобраќање може да нè направи депресивни, се чини дека е тешко да се помириме со евангелието на радоста. Но, ова е случај само ако гледаме на преобраќањето во светлината на нашата сопствена потрага по морално совршенство, како да веруваме дека можеме да го постигнеме тоа преку нашите сопствени напори. Тоа е проблемот, истакна Светиот Отец – мислиме дека се зависи од нас. Тоа нè води до духовна тага и фрустрација, бидејќи сакаме да се преобратиме, да бидеме подобри, да ги надминеме своите недостатоци и да се промениме, но сфаќаме дека не сме целосно способни за тоа и со сета наша добра намера постојано се сопнуваме и паѓаме.

Ако не можеме сами да го направиме доброто што го сакаме, а тоа значи да се преобратиме, тогаш Папата рече дека грчкиот збор метаноеин, спомнат во Евангелието може да ни помогне да разбереме, а потсетува на етимологијата на глаголот „преобраќање“. Во превод, би значело „размислувај понатаму“ и ни кажува дека преобраќањето значи да ги надминеме нашите вообичаени начини на размислување, надвор од нашиот вообичаен светоглед.

Со повикот на преобраќање, Иван нè поттикнува да одиме „понатаму“ од местото каде што сме во моментот; надвор од она што ни го кажуваат инстинктите и се регистрираат мислите, бидејќи реалноста е многу поголема од сето тоа. Реалноста е дека Бог е поголем. Да се преобратиме значи да не го слушаме она што ја задушува надежта, оние кои постојано ни велат дека ништо во животот не се менува. Тоа значи да се отфрли верувањето дека сме осудени да се удавиме во калливата просечност, вечни песимисти. Значи да не се препуштаме на внатрешните стравови кои се појавуваат особено во моментите на искушение како би нѐ обесхрабриле дека нема да успееме, дека сè тргна лошо и дека да се биде свет не е за нас. Тоа не е така, рече Папата, бидејќи Бог е секогаш присутен. Мораме да му веруваме, бидејќи тој е нашата сила, нашето „понатаму“. Сè се менува кога ќе му го дадеме првото место на Господа, тоа е преобраќање! Што се однесува до Христос, само треба да ја отвориме вратата и да го пуштиме да влезе за да може да прави чуда. Токму како што пустината и проповедта на Иван беа единственото нешто потребно да дојдат во светот, заклучи Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот