Божиќ во Ирак

Божиќ во „тишина и солзи“, надевјаќи се на праведен Ирак и подобра иднина, прославен е во калдејската патријаршија во Багдад, со надеж во мирољубен соживот помеѓу различните заедници во Ирак, каде христијаните се малцинство, ги има помалку од 500.000, а на почетокот на третиот милениум ги имаше повеќе од 1.500.000.

Осврнувајќи се на прославата на Божиќ во Ирак, во разговор за Радио Ватикан, патријархот Луис Сако рече дека не организирале “друштвено“ прославување. Божиќ славевме во тишина и солзи сакајќи да им кажеме на муслиманите: „Не е праведно, ние сме граѓани како и вие, не сме граѓани од втор ред“. Имаме исти права, верска слобода за сé. Во црквите, во парохиите служевме сврти Литургии за децата, за младите и семејствата. Во еден парк недалеку од патријархатот, владата постави убаво украсено божиќно дрво, високо 25 метра, а друго е поставено во ирачкиот парламент. Тоа за нас ништо не значи; ние сакаме еднаквост со другите државјани, сакаме исти права, единствено така можеме да се надеваме на подобра иднина. Не е добро ако продолжат прогонствата – истакна патријарх Сако.

На прашањето за смислата на славењето Божиќ во Ирак, патријархот рече дека славењето е со многу смисла. Исус не се роди во својот град, во својата куќа; тој бегаше со своето семејство. Освен тоа, беше во опасност како и нашите христијани, поради тоа го напушти Витлеем, Назарет и отиде во Египет. Нашите христијани оставија сé затоа што животот им беше во опасност, но се надеваме дека опасноста ќе престане. Уверен сум дека селата во долината Нинивија и Мосул наскоро ќе бидат ослободени и христијните ќе се вратат – истакна патријархот.

Говорејќи за иселувањето на ирачките христијани, нагласи дека нема право да му попречува на народот да го напушта Ирак. Тоа е лична и семејна одлука. Но се надевам дека сите ќе останат овде каде што е нашиот идентитет, нашиот повик и послание: ние сме мисионери. Нашата црква била мисионерска, евангелието го носела во Кина и Индија. Денес, во муслиманско мнозинство, мисионерите сме со нешто друго: простување, љубов и радосни и братски соработки со сите – рече на крајот од разговорот патријархот Луис Сако.

РВ/Б.Р.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот