Бог може да ги умножи и нашите мали гестови на солидарност

Во недела 26 јули Светиот Отец се осврна на неделното свето Евангелие во кое се говори за умножувањето на лебовите

Осврнувајќи се на Евангелието од денешната Литургија во кое Иван говори за Исусовото умножување на лебот и рибите на брегот на Галилејското Море, папата Фрањо истакна дека тоа чудо се случува благодарение на милосрдната сила на Бог која ја лекува секоја болка на телото и душата. Учениците размислуваат на начин на пазарот, но Исус логиката на „купување“ ја заменува со логиката на „дарување“ – рече Светиот Отец и додаде – Неговите гестови ги предвидуваат оние на Последната вечера на кои Исус на лебот дава подлабоко и вистинско значање.

Божјиот леб е самиот Исус. Причестувајќи се со Него го примаме во себе Неговиот живот и стануваме деца на небесниот Отец, а меѓусебе браќа. Причестувајќи се среќаваме со Исус реално жив и воскреснат. Да учествуваш на Евхаристијата значи да влезеш во Исусовата логика, логиката на бесплатност на споделувањето. И колку да бидеме сиромашни сите можеме нешто да даруваме – рече Папата и истакна дека во Причеста имаме милост која нѐ прави способни да делиме со другите она што сме и што поседуваме.

Мноштвото силно е погодено од чудото на умножување на лебовите; но дарот кој Исус го нуди е полнината на животот за гладниот човек. Исус не ја задоволува само материјалната глад, туку и онаа подлабоката, гладта за смислата на животот, гладта за Бог – истакна папата Фрањо. Пред трпењето, осаменоста, сиромаштвото и тешкотиите на многу луѓе, што можеме ние да направиме? – праша Папата. Ако се жалиме ништо не решаваме, но можеме да го понудиме она малку што го имаме.

Сигурно имаме час време, некој талент, некоја способност… Кој меѓу нас ги нема своите „пет леба и две риби?“ Сите ги имаме! – истакна Папата. Ако сме подготвени да ги ставиме во рацете Господови, ќе бидат доволни за во светот да има повеќе љубов, мир, праведност и најмногу радост. Колку радост е потребна во светот! – истакна Папата и додаде – Бог е во состојба да ги умножи нашите мали гестови на солидарност и да нè направи учесници во својот дар.

На крајот на пладневниот говор Папата потсети деке денес во Црквата се слави празникот на свети Јоаким и Ана родители на Блажена Дева Марија што значи – како што рече Светиот Отец – Исусовите дедо и баба. Би сакал по тој повод да ги поздравам сите баби и сите дедовци заблагодарувајќи им се за нивното скапоцено присуство во семејствата и за новите генерации – рече Папата и ги повика сите присутни со аплауз да ги поздрават сите живи дедовци и баби, како и оние кои нè гледаат од небото.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот