Кога Исус ја дарува својата милост, не го прави тоа делумно

Христијанската заедница се формира и постојано се обновува во евхаристиското заедништво – рече папата Фрањо за време на Генералната  аудиенција на 17 август 2016 година. Во катехезата се осврна на извештајот за умножувањето на лебовите и рибите од Евангелието според Матеј.

Христос, примајќи ја веста за смртта на Иван Крстител, заминува со кораб преку езерото на пусто место. Меѓутоа луѓето го гледаа на другата страна на брегот. Исус „виде многу народ, се сожали над нив и ги излекува нивните маки“.

Од една страна, Христос  „се чуствува поврзан со тој народ и не сака да си оди. Од друга страна, потребно му е осаменост, молитва со Отецот“ – рече Папата. Тој нагласи дека Исусовото сочуство „не е магловито чувство“, туку „искажување на  својата силна желба да ни биде близок и да нè спаси“.

Исус се грижи за оние кои го следат и во тоа сака да ги вклучи своите ученици – продолжи Светиот Отец. На нив им покажува дека „неколкуте леба и риби кои ги имале, со силна вера и молитва, може да бидат поделени по целиот овој народ“. „Тоа е чудото што тој го направи, но тоа е чудо на верата, молитвата со сочуство и љубов.“ Господ така „излегува во пресрет на потребите на луѓето, но сака секој од нас да го направи конкретен учесник во своето сочуство“.

Исус – како што пишува во Евангелието според Матеј – „ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови и откако ги прекрши, ги даде лебовите на учениците“. Тоа се истите постапки кои ги направи на Тајната вечера, а тоа го прави и секој свештеник кога слави Евхаристија – истакна папа Фрањо. Евхаристискиот леб кој нè храни е „леб на заедништво и истовремено леб кој го поткрепува нашето служење“.

Поради тоа, животот во заедништво со Господ е „далеку од пасивноста и одвоеноста од секојденвниот живот“ – напротив, „секогаш сè повеќе нè става во однос со луѓето од нашето време, за да може да им дадеме кокретен знак на милосрдие и Христово внимание“.

„Евхаристијата која ја славиме малку по малку нè преобразува во Христово тело и духовна храна за браќата. Исус сака да допре до сите за да им ја донесе на сите Божјата љубов. Затоа секој верник прави службено милосрдие“ – објасни Папата.

Извештајот за чудното умножување на лебовите и рибите завршува со напомена дека сите се наситија и дека уште остана од храната. „Кога Исус во своето сочуство и својата љубов ни дарува милосрдие кога ни ги опростува гревовите, нè прегрнува и нè сака, никогаш тоа не го прави на половина“ – нагласи Светиот Отец. „Исус ги полни нашите срца и нашиот живот со својата љубов, своето опростување, своето сочуство“.

Христос така им го покажа на своите ученици патот по кој треба да одат: „хранете го народот и држете го обединет; т.е. бидете во служба на животот и заедништвото“ – рече Папата. На крајот на катехезата охрабри на молитва за Господ да ја направи „својата Црква подготвена на тоа свето служење“; секој верник да биде „средство на заедништво во сопственото семејство, на работата, во парохијата“ и видлив знак на Божјото милосрдие.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот