Да се чуваме од духовната мрзеливост и да овозможиме Христовото светло да свети насекаде. Со овие зборови папата Фрањо се обрати на присутните верници на плоштадот Свети Петар пред неделната молитва Ангел Господов, на 28 февруари 2021 година, повикувајќи нè да донесеме љубов и надеж на светот, што е послание на христијанинот. Говорот на Папата го пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Оваа втора недела од Великиот пост нè повикува да размислуваме за Исусовото преображение на гората, пред тројца негови ученици (сп. Мк 9, 2-10). Непосредно пред тоа, Исус навести дека многу ќе пострада во Ерусалим, дека ќе биде отфрлен и убиен. Можеме да замислиме што тогаш се случувало во срцата на неговите пријатели, тие негови блиски пријатели, неговите ученици: сликата за моќниот и победнички Месија е доведена во криза, нивните соништа се срушени и се вознемирени од помислата дека Учителот во кој веруваа ќе биде убиен како најголем злосторник. И токму во тој момент, со таа душевна вознемиреност, Исус ги повикува Петар, Јаков и Иван и ги зеде со себе на гората.
Евангелието вели: „Исус ги зеде со Себе … во висока гора (р. 2). Во Библијата, гората секогаш има посебно значење: таа е возвишено место каде се допираат небото и земјата, каде што Мојсеј и пророците доживеале извонредно искуство во средбата со Бога. Да се искачиш на планина значи да се приближиш малку до Бога. Исус се искачува на планината заедно со тројцата ученици и тие застануваат на врвот на планината. Таму Тој се преобразува пред нив. Неговото светло лице и неговите светли одежди, кои ја антиципираат сликата на Воскреснатиот, им нудат на овие исплашени луѓе светло, светло на надеж, светлина со која ќе можат да поминат низ темнината: смртта нема да биде крај на сè, затоа што ќе се отвори за славата на воскресението. Затоа, Исус ја навестува својата смрт, ги зеде на гората и им покажува што ќе се случи подоцна, а тоа е воскресението.
Како што проговори и апостол Петар (сп. р. 5), добро ни е да бидеме овде со Господ на гората, да се доживее тој „предвкус“ на светлината во срцето на Великиот пост. Тоа е повик да се сетиме дека Господ Воскресна и не дозволува темнината да го има последниот збор, посебно кога поминуваме низ тешко искушение – и многумина од вас знаат што значи да поминеме низ тешко искушение.
Понекогаш се случува да поминуваме низ моменти на темнина во личниот, семејниот или општествениот живот и да се плашиме дека нема излез. Чувствуваме страв од големи загатки како што се болести, страдања на невини или таинството на смртта. На самиот пат на верата, често се сопнуваме од соблазната на крстот и барањата од евангелието, кое од нас бара да го поминеме својот живот во служење и да го изгубиме од љубов, наместо да го чуваме за себе и да го браниме. Затоа, ни треба друг поглед, светлина што ќе ја осветли длабочината на тајната на животот и ќе ни помогне да ги надминеме сопствените шеми и да се издигнеме над критериумите на овој свет. И ние сме повикани да се искачиме на гората, да ја набљудуваме убавината на Воскреснатиот, кој е светлина во секој дел од нашите животи и ни помага да ја толкуваме историјата започнувајќи од воскресната победа.
Сепак, мора да бидеме претпазливи: Чувството на Петар дека „добро ни е да бидеме овде“ не смее да стане духовна мрзеливост. Не можеме да останеме на гората и да уживаме сами во блаженството на таа средба. Самиот Исус нè враќа во долината, меѓу нашите браќа и во секојдневниот живот. Мора да внимаваме на духовната мрзеливост: добро ни е со нашите молитви и богослужби и тоа е доволно за нас. Не! Искачување на гората не значи заборавање на реалноста; да се молиш никогаш не значи да се избегнуваат животните неволји; светлината на верата не служи за разбудување на убави духовни чувства. Не, тоа не е пораката на Исус. Повикани сме да ја доживееме средбата со Христос, така што, осветлени од неговата светлина, да го носиме и да го пуштиме да го разнесе својот сјај насекаде. Повикани да запалиме мали светла во срцата на луѓето; да бидат мали светилки на евангелието што носат малку љубов и надеж: тоа е посланието на христијанинот.
Да ја замолиме Пресвета Богородица да ни помогне со воодушевување да го примиме Христовото светло, да го чуваме и да го споделуваме со другите.
Ватикан њуз/к.мк