За празникот Велигден Претседателот Пендаровски упати честитка до бискупот Стојанов

За празникот Велигден Претседателот Пендаровски упати честитка до бискупот Стојанов

По повод празникот Велигден претседателот на Македонија Стево Пендаровски упати честитка до Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов, која ја пренесуваме во целост.

Почитуван бискуп Стојанов,

Дозволете ми Вам и на сите припадници на Католичката црква да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден со поздравот Христос воскресна!

Во овој поздрав е сублимирана сржта на христијанската вера дека Бог во Исус Христос целосно се поистовети со страдањата на луѓето, ја плати цената за отуѓеноста на човештвото и со тоа започна да го обновува светот.

Иако не е лесно да се препознаат во време на кризи и на конфликти, сепак, контурите на оваа обнова се исцртани со секој чин на солидарност кон најранливите меѓу нас. Обновата е присутна во спротивставувањето на структурните причини за сиромаштијата, нееднаквоста и неправдата, во заложбите за мир, социјална правда и заштита на природата. Овие индивидуални заеднички подвизи се слика за тоа какво може да ни биде општеството доколку добрината стане наша врвна вредност.

Нека овој празник нѐ поттикне, следејќи го Христовиот пример, активно да учествуваме во изградбата на праведно и хумано македонско општество со јасни морални вертикали, а со тоа и во обновата на надежта

Христос воскресна!

Навистина воскресна!

Стево Пендаровски

Категорија: Вести, Македонија

За авторот