Во серијата катехези за евангелизацијата и апостолскиот жар, која ја започна минатата среда, папата Фрањо размислуваше за Исус и неговото срце кое не дозволува никој да се „снаоѓа“. Христијанинот треба да ги имитира чувствата на Отецот за да ја сведочи неговата љубов која никого не заборава.
Христос не само што има зборови за живот, туку својот живот го прави со Словото – рече папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција во среда 18 јануари 2023 година, во која напомена дека во Исусовите денови на прво место била близината со Отецот, молитвата. Неговото послание е за нас, Отецот го испраќа кај нас – рече а потоа упати на сликата на која може да се претстави Христовиот стил на живот.
Самиот Исус ни го предлага, слушнавме, зборувајќи за себе како за добар Пастир, Оној Кој – вели, „животот си го полага за овците“ (Иван 10,11), тоа е Исус. Имено, да се биде пастир не било само работа која бара време и многу труд; тоа бил вистински начин на живот: дваесет и четири часа на ден, живеејќи со стадото, придружувајќи го на пасиштата, спиејќи меѓу овците, грижејќи се за оние најслабите. Со други зборови, Исус не прави нешто за нас, туку дава сѐ, го дава својот живот за нас. Неговото срце е срце на пастир. Пастир е кон сите нас.
Добар Пастир
За да се сумира со еден збор делувањето на Црквата, често се користи токму зборот „пасторал“ – рече римскиот епископ. За да го оцениме својот пасторал мора да се споредиме со моделот, со Исус, со Исус Добриот Пастир.
Пред сѐ, можеме да се запрашаме: Дали Го наследувам напојувајќи се на изворите на молитвата, за нашето срце да биде усогласено со неговото? Близината со Него е, како што се сугерира во прекрасната книга на опатот Шаутар, „душата на секој апостолат“. Самиот Исус тоа јасно им го кажа на своите ученици: „Без мене не можете ништо да направите“ (Иван 15, 5). Ако си со Исус, откриваш дека Неговото пастирско срце секогаш чука за оние кои залутале, се загубени, кои се далеку. А нашето срце? Колку пати своето однесување со луѓето кои се малку тешки го изразуваме со зборовите: „Па, тоа е негов проблем, нека се снаоѓа…“ Но, Исус тоа никогаш не го кажа, никогаш, туку секогаш оди во пресрет на сите кои се маргинализирани, грешници. Бил обвинет за тоа, дека бил со грешници, затоа што токму на нив им го донесува Божјото спасение.
Господ трпи и ризикува
Добриот пастир ги сака сите и сака да ги спаси оние кои залутале. Бог не ја набљудува оградата околу своите овци, ниту им се заканува да не излезат. Туку ако некоја излезе и се загуби, не ја напушта, ја бара – истакна Папата.
Бог трпи заради онаа кој си оди, и додека плаче за неа, уште повеќе ја љуби. Господ трпи кога се одалечуваме до неговото срце. Трпи заради оние кои не ја познаваат убавината на неговата љубов и топлината на неговата прегратка. Но, како одговор на тоа страдање, не се затвора, туку се впушта во ризик: ги остава деведесет и деветте овци кои се на сигурно и тргнува во потрага за онаа една загубена, правејќи така нешто ризично, па дури и ирационално, но во согласност со своето пастирско срце, кое чувствува копнеж за оние кои си заминале. Копнежот за оние кои си заминале во Исус е постојан. И кога слушаме дека некој ја напуштил Црквата, што можеме да кажеме? „Нека се снајде.“ Не, Исус нѐ учи на копнеж за оние кои си заминале; не го обзема лутина и срдитост, туку неизгласлив копнеж за нас. Исус копнее за нас, и тоа е Божјата ревност.
Дали имаме слични чувства? – праша Светиот Отец. Можеби оние што го напуштиле стадото ги гледаме како противници или непријатели. Сретнувајќи ги на училиште, на работното место, на градските улици, зошто да не го мислиме спротивното, дека тоа е добра прилика да им ја посведочиме радоста на Отецот Кој ги љуби и Кој никогаш не ги заборавил?
Не, за да спроведуваме прозилитизам, не! Туку за до нив да дојде зборот на Отецот, за заедно да одиме. Да евангелизираш не значи да спроведуваш прозелитизам; прозелитизмот е паганска работа, не е верска, не е евангелска.
Постои еден добар збор за нив, а ние ја имаме честа и должноста да им ја донесеме. Бидејќи Словото, Исус, тоа од нас го бара.
Можеби долго време Го следиме и Го љубиме Исуса и никогаш не сме се запрашале дали ги споделуваме неговите чувства, дали страдаме и ризикуваме во согласност со Исусовото срце, со тоа пастирско срце, со пастирското срце Исусово! Не се работи за прозелитирање, реков, за другите да станат „еден од нас“, не, тоа не е христијански; се работи за тоа да љубиме за да можат да бидат среќни Божји деца. Да ја бараме во молитвата благодатта на пастирското срце, отворено, кое е блиску до секого, за да ја пренесеме Господовата порака и да го почувствуваме Христовиот копнеж за секого.
Срцето на пастирот е отворено за другите и е блиску до сите. Без таа љубов која трпи и ризикува – рече Папата – на пасиште би можеле да се водиме само себеси, а не стадото. Нашиот живот без таа љубов која трпи и ризикува не е добар. Пастирите кои сами на себе се пастири, наместо да бидат пастири на стадото, ги чешлаат „одличните“ овци. Не смееме да бидеме пастири на себе, туку пастири на сите – истакна на крајот Светиот Отец.
По катехезата, обраќајќи им се на ходочасниците кои зборуваат италијански, Папата на почетокот на Молитвената осмина за единство на христијаните, ги поттикна сите да се молат и да дејствуваат за да се зајакне движењето кон целосно заедништво меѓу сите христијани. Истовремено, ве замолувам да заземете став, со целосна посветеност и во секоја средина во која живеете, за да бидете градители на помирувањето и мирот – рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк