Нека Господарот на животот не нè најде ладни и рамнодушни пред толку страдања во нашето време.
Пред толку страдања во нашето време нека Господарот на животот не нè најде студени и рамнодушни; нека нè направи градители на мостови, а не на ѕидови – рече папата Фрањо на Велигден пред традиционалниот благослов „Urbi et orbi“, кој од централната ложа на базиликата Свети Петар го подели пред околу 70.000 верници.
Црквата денес го обновува извештајот на првите ученици: „Исус воскресна!“ Од уста до уста, од срце до срце одекнува повикот за славење: „Алилуја! Алилуја!““ – рече Папата и изрази желба, на ова воскресно утро, на вечната младост на Црквата и на целото човештво би сакал на секој од вас да ви ги пренесам почетните зборови од неодамна објавениот Апостолски поттик посветен на младите.
„Христос живее. Тој е нашата надеж и најубавата младост на овој свет. Сè што ќе допре станува младо, станува ново, сѐ исполнува со живот. Затоа првите зборови кои сакам да ги упатам до секој млад христијанин (до секој христијанин): Тој живее и сака и вие да живеете! Тој е во вас, Тој е со вас и никогаш не си заминува. Ако ти се одалечиш покрај тебе е Воскреснатиот кој те повикува и чека да започнеш од почеток. Кога заради тага, навреди, стравови, сомнежи и неуспеси се чувствувате стари, Тој е тука за да ви даде сила и надеж“ (Christus vivit, 1-2).
Таа порака истовремено е упатена до секој човек и до светот – рече Светиот Отец и истакна: Христовото воскресение е почетокот на новиот живот за секој човек затоа што вистинската обнова секогаш започнува од срцето и од совеста. Но, Велигден исто така е почеток на нов свет кој е ослободен од ропството на гревот и на смртта; светот конечно се отвори за Царството Божјо, Царството на љубовта, мирот и братството.
Христос живее и останува со нас – рече папата Фрањо и нагласи: Тој го покажува светлото на своето лице како Воскреснат и не ги напушта оние кои се во искушенија, болки и тага. Тој, живиот Бог нека биде надеж за саканиот сириски народ, жртва на постојани конфликти кои ни се закануваат дека ќе нè направат поразочарани, па и рамнодушни. Меѓутоа време е да ја обновиме ангажираноста за политичко решение кое одговара на праведните стремежи за слобода, мир и правда кое ќе се соочи со хуманитарната криза и ќе поттикне сигурно враќање на раселените лица како и на оние кои се засолниле во соседните земји, посебно во Либан и Јордан.
Велигден нè поттикнува да гледаме на Блискиот Исток кој е растргнат од постојаните поделби и тензии – рече Папата. Христијаните во тие краишта трпеливо и истрајно не престануваат да го сведочат воскреснатиот Господ и победата на животот над смртта. Посебна мисла упатувам до населението во Јемен посебно до децата кои се исцрпени од гладот и војната. Воскресното светло нека ги просветли сите владари и народи на Блискиот Исток започнувајќи од Израелците и Палестинците, нека ги поттикне да го ублажат страдањето и да настојуваат да ја остварат иднина на мирот и стабилноста.
Нека оружјето престане да пролева крв во Либија каде во последните недели повторно започнаа да умираат беспомошни луѓе, а многу семејства се принудени да го напуштат својот дом – рече Светиот Отец и упати апел: Ги повикувам конфликтните страни наместо насилство да изберат дијалог, избегнувајќи повторно отворање на раните кои се создадоа заради десетгодишниот конфликт и политичката нестабилност.
Нека живиот Христос го дарува својот мир на целиот сакан африкански континент сè уште преполн со општествени тензии, конфликти и понекогаш насилни екстремизми кои оставаат несигурност, уништување и смрт посебно во Буркина Фасо, Мали, Нигер, Нигерија и Камерун – рече папата Фрањо и продолжи: Моите мисли одат во Судан кој поминува низ момент на политичка неизвесност и за кој се надевам дека сите барања ќе се уважат и дека секој ќе се зазема за земјата да може да постигне слобода, развој и благосостојба кон која веќе долго се стреми.
Воскреснатиот Господ нека ги следи напорите на граѓанските и верските власти во Јужен Судан, подржувани од плодовите од духовната обнова која пред неколу дена се одржа овде во Ватикан – рече Папата и додаде: Нека се отвори нова страница во историјата на земјата во која сите политички, општествени и верски фактори делотворно ќе работат за општо добро и помирувањето на нацијата.
На овој Велигден утеха нека најдат жителите на источна Украина – рече Светиот Отец, која и понатаму страда заради конфликтот кој сè уште е во тек. Нека Господ ги охрабри хуманитарните потфати и оние кои се насочени кон постигнување на траен мир.
Нека радоста на воскресението ги исполни срцата на оние кои на американскиот континент трпат последици од тешките политички и економски прилики – рече папата Фрњо и продолжи: Посебно мислам на венецуелскиот народ, на толку луѓе кои заради кризата која продолжува и се продлабочува се лишени од основните услови за достоинствен и сигурен живот. Нека Господ на оние кои имаат политичка одговорност им даде да работат за да ги запрат општествените неправди, злоупотребите и насилството и да преземат конкретни чекори кои ќе ги отстранат поделбите и на населението ќе му ја дадат помошта која му е потребна.
Воскреснатиот Господ нека ги просветли напорите кои се прават во Никарагва – рече Светиот Отец, за што порано да се пронајде мирно и договорно решение за благосостојба на сите жители на Никарагва.
Соочени со многу страдања во нашето време, Господарот на животот нека нè не најде студени и рамнодушни – рече папата Фрањо и молеше: Нека нè направи градители на мостови, а не на ѕидови. Тој Кој ни го дарува својот мир, нека го запре татнежот на оружјето, како во контекст на војна така и во нашите градови нека ги вдахне водачите на народите да работата за ставање крај на трките за вооружување и загрижувачкото ширење на оружјето, посебно во економски развиените земји. Воскреснатиот Кој ја отвори вратата на гробот нека ги отвори нашите срца за оние во потреба, беспомошните, сиромашните, невработените, отфрлените и оние кои чукаат на нашата врата во потрага за леб, засолниште и признавање на достоинството.
Драги браќа и сестри Христос живее! Тој е надеж и младост за секој од нас и за целиот свет. Да дозволиме Тој да нè обнови – рече на крајот Папата и на сите им честиташе – Среќен Велигден!
Ватикан њуз/к.мк