Обраќање на бискупот Киро Стојанов при отварањето на 13. Школа за млади лидери

Обраќање на бискупот Киро Стојанов при отварањето на 13. Школа за млади лидери

Почитуван Проф. д-р Ѓорге Иванов, поранешен претседател на Република Македонија

Почитувани соработници на Претседателот

Почитувани и ценети присутни овде во салата но и на зум платформата

Драги млади лидери на 13-та Школа

Ми причинува особена чест и радост што ја имам оваа  можност да се обратам со овој мој краток поздравен говор до Вас и со изрази на големо задоволство да ја поздравам иницијативата на Претседателот, проф. д-р Ѓорге Иванов, започната пред 13 години а која не згасна ни во големата пандемија Ковид 19. Голем е Неговиот влог во градењето на млади и успешни професионалци, кои понатаму би можеле да се развиваат во успешни лидери.

При овогодишната 13-та Школа за млади лидери посебно ме трогна темата: Морално лидерство – Ако тргнеме од концептот на лидерство, односно од онаа перманентно и вечно прашање кое вклучува детерминанта што води до прашањето што значи да се биде добар или лош лидер, тогаш ни е јасно дека е потребно да побараме одговори во овој дискурс што во деловниот свет ги оптоварува како оние кои управуваат или водат некого (лидери), така и оние на кои тие се на чело (заедница, колектив, институција). Бидејќи овде зборуваме за морално лидерство, веднаш се поставува прашањето што би било морално или зошто нешто воопшто треба да биде морално?

Да потсетиме дека самиот израз морал доаѓа од латинскиот јазик, од именката mos, што би значело обичај, однесување, владеење. Затоа, да се биде морален би значело токму да владее, да се однесува во согласност со моралот, односно да биде морален (во овој случај, автоматски морален). Прашањето за тоа што е морално, вистинско лидерство, лидерство кое ги подобрува условите за живеење, ја одржува заедницата заедно и спречува да се распадне и да се претвори во егоистички комплекс на балсамирани идеи, со тоа се занимавале  бројни филозофи, политичари, поети и мудреци од кога постои овој наш свет. Сите тие имале и свои одговори, кои често биле и мудри и умни, научни, но по правило и недостаточни затоа што често во себе ја исклучувале трансцендентната одредница што доаѓа од самиот Бог, кој е творец на моралот, односно моралното дејствување.

Суштината на моралот се состои во универзалната валидност на моралното правило, во придржувањето кон универзалната морална норма во конкретни животни ситуации и индивидуални дејствија. Во најширокиот круг на морална рефлексија, кој вклучува филозофски, религиозни, уметнички и други пристапи, суштината на моралот обично се означува како „златно правило“. Златното правило може да се изрази во позитивна („прави им го на другите тоа што сакаш да ти го прават тебе“) или негативна формулација („не им го прави на другите она што не сакаш да ти го прават тебе“). „Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие! Во тоа е сиот Закон и Пророците“, тоа се зборови на Исус.

За нас христијаните, секако, најголемиот морален водач е Исус Христос, чие севкупно дејствување беше морално. Доколку ги исклучиме ситуациите на неговиот неопходен авторитетен говор, за кој повеќе наоѓаме во св. Писмо, ќе видиме дека целото негово лидерство се заснова на љубовта кон човекот. Дејството на Исус е инклузивно, не ексклузивно, тоа е морално, а не неморално, затоа е конструктивно, а не деструктивно, се заснова на реалноста, а не на илузии и утопии.

Моралното лидерство е нешто што може реално да се спроведе во пракса без страв од идеализација што ќе доведе до утописко исчезнување. Моралното лидерство пред сè ги бара личните вредности на лидерот, кои тој ги прикажува во неговото секојдневно однесување. Неговите постапки ќе бидат такви што тој треба да биде пример за своите колеги бидејќи постојано ќе ги промовира вредностите што ги застапува. Од евангелска гледна точка, тоа ќе значи дека ако промовираме или зборуваме за вредности како што е да им служиме на сиромашните (на што често не повикува папата Фрањо), тогаш тоа треба да го направиме самите, а лидерот ќе мора да биде првиот што го прави тоа и ги надминува другите. Кажувањето едно, а правењето друго, односно исклучувањето на личниот интегритет, за жал, е начин да се уништи довербата, што е предуслов за позитивно влијание врз другите. Со доследно морално однесување или лидерство кое ќе се карактеризира со морални вредности, ќе имаме големо влијание врз другите бидејќи ќе ги доведеме до слично однесување и такви одлуки кои ќе бидат конструктивни за оние на кои им се наменети. Веројатно на сите им е позната максимата дека „менаџмент е кога работите добро, а лидерство е кога правите добри работи“. Правењето добри работи е основното значење на моралното лидерство бидејќи доброто е неразделно од моралното, а моралот доаѓа од Kреаторот на целото создание. Затоа, на сите вас почитувани учесници ви посакувам успешна школа, успешна реализација на програмата и квалитетно морално лидерство во корист на луѓето што ви се доверени и за слава на Бога, Креаторот на нашето морално делување. Благодарам.

 

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот