Папата Фрањо на плоштадот Свети Петар на 31 јули 2018 година се сретна речиси со 70.000 министранти од 19 земји.
Одговарајќи на нивните прашања истакна дека не е важно дали ближниот е од иста националност или е странец, но излегувајќи во пресрет на неговите потреби „можете навистина да станете свети и да го преобразете светот.“
На 31 јули 2018 година плоштадот Свети Петар беше обоен речиси од 70.000 марами со рaзлични бои, од младите министранти кои дојдоа во Рим од 19 земји, најмногу од Европа, но и од САД, па дури и од Антигва и Барбуда, на своето XII. меѓународно ходочастие под мотото „Да бара мир и да врви по него.“, земено од 33 псалм. Врвот на тој настан кој трае до 30 јули до 3 август беше средбата со папата Фрањо на плоштадот Свети Петар.
70.000 млади и само едно мото: „Да бара мир и да врви по него“
Претседателот на Меѓународниот сојуз на министранти кој го организираше ходочастието епископот на Зрењанин Ладислав Немет, го поздрави Светиот Отец и рече дека денес речиси насекаде во Европа живееме во мир. Често тој мир го прифаќаме како нормален речиси природен факт. Но, би било убаво кога животот во мир би бил толку природен во целиот свет – рече епископот.
Повеќе простор за желбите за мир, отколку за стравовите
Ве молиме да нѐ охрабрите за повеќе простор да дадеме на желбите за мир, а помалку за нашите стравови – рече епископот Немет и додаде: Сакаме да го понесеме дома искуството на отворени срца; на нашите семејства, во училиштето, на пријателите и роднините, во средините кои секогаш не се лесни. Цврсто веруваме дека нашата желба за мир ќе дојде и до општеството. Бидејќи сакаме нашиот свет да го направиме место на кое можеме заедно да живееме добро и мирно – истакна епископот Немет.
Како од служење на олтарот да се дојде до светоста
Од петте прашања кои министрантите му ги поставиле на Светиот Отец, последното го поттикна на подлабоко размислување. Сакаме да му служиме на Господ и на ближниот. Но, секогаш не е лесно да се прави добро, сѐ уште не сме свети. Како можеме во секојдневниот живот, својата служба да ја претвориме во конкретни каритативни дела и во пат до светоста? – праша едно момче на унгарски јазик.
Исус ни го покажува патот: Заповедта на љубовта
Потребен е напор за да правиме секогаш добро и да станеме свети – одговори Папата. Но патот до светоста не е за мрзеливи луѓе. За да одиме кон светоста Исус ни дава едноставна програма: заповедта на љубовта кон Бог и ближниот. За да ја конкретизираме заповедта на љубовта, Исус нѐ предупреди на милосрдните дела. Тоа е напорен пат, но е на дофат на рацете на сите. Доволно е секој од нас да започне да се прашува: Што можам денес јас да направам за да излезам во пресрет на потребите на својот ближен? – рече Папата и додаде: Верувајте ми, правејќи така навистина можете да станете свети, мажи и жени кои го преобразуваат светот живеејќи ја Христовата љубов.
Барањето на мирот започнува со мали гестови
На прашањето како мирот кој се дарува во текот на светата Литургија да го понесеме и надвор од нашите цркви, папата Фрањо одговори истакнувајќи дека барањето на мирот започнува од малите работи. На пример во сопствениот дом, после кавгата со братот, се затворам ли во себе, навреден или се обидувам да направам чекор кон братот. Дали сум подготвен да се запрашам во секоја ситуација: Што би направил Исус на моето место? Ако тоа го правиме и настојуваме одлучно да го ставиме во пракса, ќе го носиме Христовиот мир во секојдневиот живот и ќе бидеме градители и оружје на мирот – истакна Папата.
Младите се враќаат ако видат убави заедници на верници
Едното прашање беше како да се вратат на Христос и на Црквата бројните млади кои повеќе не учествуваат на светата Литургија. Не е потребно многу зборови – рече папата Фрањо – поважни се делата, близината, служењето. На младите – меѓу останатото како и на сите – им се потребни пријатели кои даваат добар пример кои работат не очекувајќи ништо за возврат. На тој начин давате да се почувствува колку е убава заедницата на верници затоа што Господ престојува меѓу нив и колку е убаво да се биде дел од семејството на Црквата.
Ватикан њуз/к.мк