Папата Фрањо во разговор со новинарите во авионот предупреди за идеологиите во Црквата и светот

Папата Фрањо во разговор со новинарите во авионот предупреди за идеологиите во Црквата и светот

Папата Фрањо во разговор со новинарите во авионот на враќање од Монголија зборуваше за Синодата, објаснувајќи дека не станува збор за телевизиска програма, ниту парламентарно собрание. Го објасни и значењето на неговите зборови упатени до младите Руси, повторно нагласувајќи дека се повик да не го заборават нивното големо културно наследство.

Првото прашање го постави монголски новинар кој се интересираше која е главната цел на патувањето на Папата и дали е задоволен од постигнатите резултати.

Одговарајќи, Светиот Отец најнапред истакна дека секогаш оди на патувања за да ги посети католичките заедници и да стапи во дијалог со историјата и културата на народот. Така и со патувањето во Монголија – рече тој – сакаше да го запознае тој народ, да влезе во дијалог со нив, да ја прими нивната култура и да ја придружува Црквата на нејзиниот пат, со многу почит кон културата на тој народ.

Мистиката на третиот сосед

Монголија има нешто многу интересно, што го поддржува меѓународниот дијалог меѓу Европа и Азија, а кое папата Фрањо го нарече „мистика на третиот сосед“. Замислете, Улан Батор е главен град на земјата најоддалечена од морето, која се наоѓа помеѓу две големи сили, Русија и Кина. Затоа треба да настојува да разговaра и со третиот сосед – рече тој – од желба за универзалност, за да ги покажете своите вредности на целиот свет, од другите да се примат нивните и да се дојде до дијалог.

Односите со Кина

На новинарско прашање какви се односите со Кина во моментов, со оглед на тоа што кинеските власти не дозволија бискупи да присуствуваат во Монголија, Папата рече дека односите со Кина се полни со почит. Јас лично му се восхитувам на кинескиот народ, каналите се многу отворени; за именување на бискупи постои комисија која веќе извесно време работи со кинеската влада и со Ватикан. Покрај тоа, – додаде тој – некои католички свештеници и интелектуалци често се поканети да предаваат на кинеските универзитети. Мислам дека треба да продолжиме напред во однос на верскиот аспект за да се разбереме подобро и кинеските граѓани да не мислат дека Црквата не ја прифаќа нивната култура и нивните вредности и дека Црквата зависи од друга странска сила. – забележа Папата и истакна дека комисијата со која претседава кардиналот Паролин добро оди на тој пријателски пат.

Осврнувајќи се на мисијата на кардиналот Зупи, Папата истакна дека тоа е мировна мисија што му е доделена, а кардиналот подготви план кој вклучува посета на Москва, Киев, Соединетите Американски Држави и Пекинг.

Дијалог со Виетнам

Што се однесува до Виетнам, Папата рече дека на односите со таа земја гледа многу позитивно. Веќе со години добро се одвиваат работите. Двете страни се спремни да се разберат и да бараат начини да се оди напред – истакна Светиот Отец и додаде: Кога некоја култура се отвора, постои можност за дијалог, но ако има затворање или сомнеж, дијалогот е многу тежок. Со Виетнам дијалогот е отворен, со подеми и падови, но е отворен и полека оди напред.

Разговорот со младите руски католици

Појаснувајќи ги зборовите што неодамна им ги упати на младите руски католици, а кои покренаа расправа, папата Фрањо рече дека на крајот од разговорот им испратил порака која секогаш ја повторува: да го прифатат нивното наследство. Во оваа смисла, се обидувам да воспоставам дијалог меѓу бабите и дедовците и внуците. Руското наследство е многу убаво – рече тој, спомнувајќи ја руската литература, музика, па сѐ до Достоевски, кој – како што рече – ни кажува за зрелиот хуманизам.

Освен тоа, Светиот Отец рече дека зборувал за голема Русија во културна, а не во географска смисла. Им реков на младите Руси да го преземат своето наследство. Руската култура е многу убава, многу длабока и не треба да се брише поради политички проблеми – истакна папата Фрањо, истакнувајќи дека кога спомнал голема Русија, не мислел на империјализмот.

Пренесувањето на културата никогаш не е империјалистички, туку во пренесувањето е важен дијалогот; за тоа зборував. Вистина е дека има империјализми кои сакаат да ја наметнат својата идеологија. Меѓутоа – истакна Папата – кога културата се „дестилира“ и се претвора во идеологија, тоа е отров. Ова важи и за Црквата. Империјализмот секогаш се зацврстува врз основа на некоја идеологија. Дури и во Црквата мора да се разликуваат доктрината и идеологијата; вистинската доктрина никогаш не е идеолошка; таа е вкоренето во светиот и верен Божји народ, додека идеологијата е одвоена од реалноста, од народот – објасни Папата.

На Синодата нема место за идеологија

Синодата е дијалог меѓу крстените, меѓу членовите на Црквата, за патот на Црквата, за дијалогот со светот, за проблемите поврзани со човештвото – рече папата Фрањо. Меѓутоа, ако се мисли на идеолошкиот пат, Синодата завршува. Во Синодата нема место за идеологија; има простор за дијалог, меѓусебно соочување, меѓу браќата и сестрите и со црковната наука.

Освен тоа, Светиот Отец истакна дека синодалноста не е негов изум, туку на свети Павле Шести и додаде дека смета дека е добро да се има синода за синодалност, што не е некоја мода, туку стара работа; Источната црква отсекогаш ја има – напомена Петровиот наследник и посочи дека треба да живееме синодално како христијани, без да запаѓаме во идеологии.

Без духот на молитвата, нема синодалност

Истакнувајќи дека Синодата не е телевизиска емисија, Папата посочи дека меѓу излагањата ќе има неколкуминутна тишина за молитва. Без тој молитвен дух нема синодалност, тоа е политика, парламентаризам. Синодата не е парламент. На Синодата треба да се зачува религиозноста и слободата на говорниците – рече тој и додаде дека за оваа цел ќе има комисија која ќе дава информации за текот на Синодата.

Што се однесува до некои критики, вклучително и од католичките кругови, Папата рече дека во коренот на овие идеи се идеологиите. Кога во Црквата сака да се одвои патот од заедништвото, она што одвојува секогаш е идеологијата. Ја обвинуваат Црквата за различни работи, но никогаш за она што е вистина: дека таа е грешница. Во наводници ја бранат доктрината, која е како дестилирана вода, нема вкус и не е вистинското католичко учење кое се наоѓа во Символот на верата.

Реалноста подобро се разбира од перифериите

Едно прашање се однесуваше за загрижувачките случаи на насилство и деградација на перифериите, на што Папата одговори дека е потребно упорно да се продолжи да се оди на перифериите и да се работи таму. Владите на сите земји треба да бидат отворени за ова – рече Папата, а конкретно ја спомена состојбата на народот Рохинџа. Треба да видиме различни видови на периферии и да научиме дека периферијата е место каде што човечката реалност е поочигледна и помалку софистицирана, подобро согледана. Таму реалноста е добро разбрана. Треба да водиме дијалог со периферијата, а владите треба да постигнат вистинска социјална правда, со различни социјални и идеолошки периферии, бидејќи понекогаш токму некоја одлична идеолошка периферија предизвикува општествени периферии – истакна Папата.

Патувања и втор дел на енцикликата Laudato si’

Спомнувајќи го во разговорот планираното патување во Марсеј, Светиот Отец рече дека размислува дали е возможно и патување во една мала европска земја, но, како што рече, патувањето сега не ми е лесно како што беше порано; имам потешкотии со одењето, а тоа ме ограничува, но ќе видиме.

Осврнувајќи се на вториот дел од енцикликата Laudato si’, Римскиот бискуп потсети дека апостолскиот поттик ќе биде објавен на празникот Свети Фрањо, 4 октомври и рече дека тоа е преглед на дискусиите на состанокот на COP одржан во Париз, кој – според Папата – можеби бил најплоден досега. Има некои вести за конференциите на COP и работи кои се уште не се решени, а итно е неопходно да се решат – рече папата Фрањо и додаде: Не е толку голема како Laudato si’, но продолжува да се спроведува во нови работи, а освен тоа, претставува и анализа на ситуацијата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот