Меѓурелигиската и екуменска средба за мир во Дака

Меѓурелигиската и екуменска средба за мир во Дака

Меѓурелигиската и екуменска средба за мир, која папата Фрањо ја нарече многу значајна во моментот на неговата посета на Бангладеш, се одржа на 1 декември 2017 година, на вториот ден од престојот на Папата во Дака, во градината на надбискупската резиденција.

Бидејќи – објасни Папата – причината на ова наше собирање е да ја изразиме заедничката желба за хармонија, братство и мир, содржани во учењата на светските религии.

Нека ова наша средба биде јасен знак на напорите на водачите и следбениците на религиите, присутни во ова земја, за целта на заедничкиот живот во взаемно почитување и добра волја. Нека во Бангладеш, во кој правото на верската слобода е основно начело, таа обврска биде предупредување за целосно почитување, но и одлучно, за оној кој сака да поттикнува поделби, омраза и насилство во име на религијата – истакна папата Фрањо.

Заедничката работа на обликувањето на културата на средба, за доброто на човечкото семејство – рече Папата – бара повеќе од едноставна толеранција. Нè поттикнува да ја испружиме на другиот раката за взаемна доверба и разбирање, за да изградиме единство кое ја опфаќа различноста, но не како закана, туку како можен извор за збогатување и развој.

Условот за културата на средба е грижата за отвореноста на срцата – рече Светиот Отец и објасни во што се состои. Отвореноста на срцето е како оган кој овозможува почеток на дијалогот на животот, а не само едноставна размена на идеи. Таа бара добра волја и прифаќање, но не треба да се меша со рамнодушноста и воздржаноста во изразувањето на сопствените најдлабоки уверувања, и тоа секогаш – истакна – во понизност, чесност и почитување.

Отвореноста на срцето е и како столб кој допира до Бог; нè поттикнува да го прочистиме своето срце, пронаоѓајќи во тоа мудрост и сила кои се потребни за да им пружиме рака за пријателство на сите – рече Папата. Отвореноста на срцето е и како пат кој нè води во барањето добро за ближниот. Верската грижа за добро на нашиот ближен, која произлегува од отвореноста на срцето, тече како голема река, натопувајќи ја неплодната и опустошена земја од омразата, корупцијата, сиромаштвото и насилството кои толку штетат на човечките животи, ги разделуваат семејствата и го нарушуваат дарот на создаденото – рече Папата.

Соработката меѓу верниците – според зборовите на Папата – е срцето кое чука на културата на хармонија и мир. Колку на светот му е потребно тоа срце кое силно чука за да се спротивстави на вирусот на политичката корупција, уништувачките религиски идеологии, искушението да ги затвориме очите пред потребите на сиромашните, бегалците, прогонетите и најранливите малцинства! – истакна папата Фрањо.

Верските заедници во Бангладеш тргнаа по патот на грижата за сиромашните на посебен начин што се однесува до грижата за земјата и кон културата на средба – рече Папата и на крајот додаде: Покажувајќи го заедничкото ангажирање на следбениците на религиите во правењето на добро, ќе помогнеме на сите верници да растат во мудроста и светоста, и да соработуваат за да изградат похуман, обединет и мирољубив свет.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот