Порака на Папата за Светскиот мисиски ден

 Сите Господови ученици се повикани да ја поттикнуваат радоста за евангелизацијата – напиша папата Фрањо за овогодинешниот Светски мисиски ден, кој ќе биде прославен на 19 октомври. Со Исус Христос – истакна Папата – се раѓа радост, и секогаш повторно се раѓа.

Многу луѓе не го познаваат Христос. Затоа и понатаму е потребна мисијата ‘ad gentes’. Бог ги објавува и ги сокрива таинствата на Своето Царство – напомена Светиот Отец. Го сокрива тоа од оние кои се преполни со себе и заслепени со умисленоста, не оставаат простор за Господ. Напротив, блажени се понизните, едноставните и сиромашните, оние ставени на работ на општеството и без глас, оние измачени и обесправени – напиша Папата и истакна дека радоста на Евангелието го исполнува срцето и целиот живот на оние кои се среќаваат со Исус.

Во денешниот свет, покрај неговата разновидна и мачна понуда на потрошувачка, постои една голема опасност, а тоа е потиштеноста на поединецот, која извира од комотното и лакомо срце, од болното барање на површни спознавања, како и изолираната совест. Затоа на човечкиот род – според зборовите на Папата – му е потребно спасение кои ни го носи Христос.

А сите Господови ученици се повикани да ја поттикнуваат радоста на евангелизацијата – напомена Папата и забележа дека во бројни краеви недостигаат повици. Меѓутоа, тоа е често поради тоа што во заедниците го нема оној апостолски жар кој лесно се пренесува, кој Папата го нарече „заразен“. Светиот Отец затоа поттикна на живеење на силен братски живот, втемелен на љубов кон Исус и внимателен за потребите на најсиромашните. Вистинските повици се раѓаат таму каде владее радост, занес и волја Христос да се пренесе на други луѓе – истакна папата Фрањо.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот