Објавена е програмата за Апостолското патување на Папата во ДР Конго и Јужен Судан

Објавена е програмата за Апостолското патување на Папата во ДР Конго и Јужен Судан

Канцеларијата за печат на Светиот Престол ја најави Апостолската посета на папата Фрањо на Демократска Република Конго и Јужен Судан, каде што ќе престојува од 31 јануари до 5 февруари 2023 година. За време на престојот во Џуба, тој ќе биде придружуван од надбискупот од Кентербери и претседавачот на Генералното собрание на Шкотската црква.

На 31 јануари 2023 година, Светиот Отец ќе отпатува во главниот град на Демократска Република Конго, Киншаса, каде ќе се сретне со претседателот на Републиката, Феликс Тшисекеди, а потоа со претставници на владата, граѓанското општество и дипломатскиот кор. Следниот ден, 1 февруари, во утринските часови ќе служи света Литургија на аеродромот „Ндоло“, додека попладне во нунцијатурата ќе се одржат две средби: првата со настраданите од источниот дел на земјата, а втората со претставници на каритативни установи.

Во четврток, на 2 февруари, Папата ќе се сретне со млади луѓе и катехисти и ќе учествува на молитвена средба со свештеници, ѓакони, посветени лица и семинаристи, а потоа приватно ќе се сретне со членовите на Исусовците.

Во петок, 3 февруари, пред да замине од Демократска Република Конго, со испраќањето на аеродромот во Киншаса, Папата претходно ќе се сретне со епископите во седиштето на бискупската конференција на таа земја. Светиот Отец потоа ќе отпатува во главниот град на Јужен Судан, Џуба, придружуван од надбискупот од Кентербери, Џастин Велби и претседавачот на Генералното собрание на Шкотската црква, Џим Валас. Во Џуба, по церемонијата на пречек, Папата ќе замине во претседателската палата, ќе го посети претседателот на републиката, Салва Киир Мајардит, по што ќе следи средба со потпретседателите на републиката, претставници на владата, граѓанското општество и дипломатскиот кор.

Следниот ден, сабота, 4 февруари, Папата ќе се сретне со епископи, свештеници, ѓакони, посветени лица и семинаристи, по што ќе следи приватна средба со членовите на Исусовците, јавна средба со внатрешно раселените лица и екуменска молитва во мавзолејот „Џон Гаранг“. На денот на заминувањето, недела, 5 февруари, пред прошталната церемонија и враќањето во Ватикан, папата Фрањо ќе служи света Литургија во споменатиот мавзолеј.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот