Папата: Ослободете ги жените од ропството и насилството
Папа Фрањо на празникот Успение на Пресвета Богородица посака сите жени и девојки да бидат ослободени од тешките и нехумани ситуации на ропството. Ја осуди и „срамната тишина“ во која се извршува масакр во Демократска Република Конго.
Марија беше прва која поверува во Синот Божји и беше прва која со телото и душата е вознесена на небото. Прва го прифати и во рацете прими Исус уште кога беше дете и прва е прифатена во неговите раце и воведена во вечно Царство на Отецот – рече папа Фрањо пред молитвата Ангел Господов на 15 август 2016 година, на празникот Вознесениево небо на Пресвета Богородица.
„Марија, понизна и едноставна девојка од село изгубено во периферијата на Римското царство, всушност затоа што го прифатила и живеела евангелието, од Бога ѝ е дозволено вечно да биде до престолот на својот Син“. Тоа е начинот на кој Бог силните ги исфрла од престолите и ги воздига смирените.
„Богородичното вознесение е големо таинство кое се однесува на секој од нас, кое се однесува на нашата иднина. Марија ни претходи на патот по кој се упатиле оние кои – преку крштението – ги поврзале своите животи со Исус“ – објасни Папата. „Денешниот празник претскажува „ново небо и нова земја“ со победа на воскреснатиот Христос над смртта и конечениот пораз на злото. Поради тоа, химната на понизната девојка од Галилеја, изразена во Магнификат, станува песна на целото човештво кое се радува затоа што гледа дека Господ се наведнува над сите луѓе, понизни созданија и ги зема со себе на небото“ – заклучи папа Фрањо.
„Химната на Марија нè поттикнува да размислуваме и за многу сегашни болни ситуации“ – рече Светиот Отец, истакнувајќи ги особено „жените притиснати од тежината на животот и драмата со насилството“, жените кои се заробени во ропството од „ароганцијата на моќта“, „девојчиња кои се присилени да работат во нехумани услови“ и „жените кои се принудени да го даваат своето тело и душата на страсните мажи, чекајќи го денот кога конечно ќе ги земе рака која нема да ги понижува, туку со нежност ќе ги подигне и носи низ животот, сè до небесата“.
„Марија, жена, девојка која многу претрпела во својот живот, нè потсетува на оние жени кои многу страдаат. И го молиме Господ, тој сам за рака да ги води низ животот и да ги ослободи од тие ропства“ – кажа папа Фрањо.
По молитвата Ангел Господов, на Царицата на мирот „уште еднаш – ги довери тешкотиите и болките на луѓето кои во многу делови на светот се невини жртви на постојаните конфликти“. Особено ги истакна „жителите на Северен Киву, во Демократска Република Конго“, неодамна погодени од „новите масакри, кои одамна се извршуваат во срамна тишина, непривлекувајќи ни го нашето внимание. Тие, за жал, се дел од мноштвото невини кои не се важни за светската јавност“ – рече Папата и на крајот посака по Богородичното застапништво во сите да завладее „сочуството, размислувањето, желбата за мир и хармонија“.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк