Патријархот Сако ги повика ирачките власти да ги заштитат христијаните
Состојбата на христијаните во Ирак е сѐ потешка – предупреди локалната калдејска Црква, која од властите бара поголема заштита од бандите криминалци кои ги напаѓаат луѓето и општите добра. Освен тоа, во официјалното соопштение се наведува дека христијаните со стотици години придонесувале за ирачката цивилизација и култура.
Мислам дека ирачката Влада е должна да ги заштити сите граѓани, не само христијаните, бидејќи и другите исто така страдаат; но христијаните се особено чувствително малцинство, директна цел, и затоа им е потребна поголема заштита – рече во разговор за Радио Ватикан вавилонско-калдејскиот патријарх, монс. Луис Сако. За жал, властите сега се зафатени со ослободувањето на Анбар, Рамадиј и Мусул – рече патријархот и додаде дека сега таму е целата војска, додека во Багдад се наоѓаат „мафијашките“ групи кои се во потрага на пари или за слава или за купување на оружје…
Затоа побарав од Владата да ги заштитат областите во кои се наоѓаат христијаните. За две недели, всушност, четворица христијани се киднапирани, двајца се убиени иако за нив беше платен многу голем откуп – предупреди патријархот и објасни дека киднаперите, после плаќањето на откупот, не сакале да бидат идентификувани, бидејќи киднапираниот би можел против нив да поднесе тужба. Зата беа и убиени. Жалосна е оваа анархија на ирачките власти кои не се во состојба сѐ да следат – рече патријархот Сако.
Потоа напоменувајќи дека е срамота меѓународната заедница само да гледа и да упати само неколку зборови на осуда, патријархот истакна дека, напротив, потребно е сериозно да се дејствува со цел да се спречи самопрогласената исламистичка држава, за да се воведе поголем ред на Блискиот Исток: во Иран, Либија, Сирија, Јемен, Либан. Ние немаме јасна визија за реалноста, затоа не може ништо да направиме. Нема никакви предлози и не можеме да му помогнеме на нашиот народ, ниту да планираме било што затоа што состојбата е нестабилна.
Луѓето и на многу драматичен начин, без ништо си заминуваат. Покрај тоа, дури и не знаат каде одат, не го познават Западот, јазикот, традицијата, општеството, моралот – напомена патријархот и рече дека штотуку се вратил од Франција каде што се примени околу 1000 луѓе. Тие малку се изгубени, бидејќи не го знаат јазикот, менталитетот, ниту обичаите, па речиси потполно се изолирани. Нивната состојба е многу жалосна – рече на крајот патријархот Сако.
РВ/З.А.