Светиот Престол: Војните и екстремните климатски појави имаат смртоносно влијание врз прехранбените системи
Светиот Престол изразува жалење за влијанието на војните, економските рецесии, екстремните климатски појави и политичката нестабилност врз светските земјоделско-прехранбени системи, повикувајќи локалните прехранбени системи да го задржат човечкото достоинство во центар.
Монсињор Фернандо Чика Арелано, постојан набљудувач при ФАО, ИФАД и Светската програма за храна, го пренесе повикот на Светиот Престол за поголема отпорност на земјоделско-прехранбените системи, кои во последниве години претрпеа значителни нарушувања.
Тој зборуваше во вторник, 12 мај 2026 година, на 35. сесија на Регионалната конференција за Европа на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, што се одржа во Душанбе, Таџикистан.
Монсињор Чика Арелано изрази поддршка за целта на конференцијата, насочена за промовирање на земјоделско-прехранбени системи во кои никој нема да остане без храна и што овозможува да се има спокоен и исполнет живот.
Тој ја истакна важноста на конкретните активности за зајакнување на безбедноста на храната по неодамнешните глобални кризи.
„Комбинацијата од немилосрдни војни, економски рецесии, екстремни климатски појави, политичка нестабилност и нестабилност на пазарите создаде смртоносна комбинација за светските прехранбени системи“, рече тој.
Во последниве години, неколку конфликти ги нарушија глобалните пазари на храна, вклучувајќи ја војната меѓу Русија и Украина, која го наруши извозот на жито и снабдувањето со ѓубрива, како и тековната војна меѓу Иран и САД, која веќе ги зголеми цените на горивото и ѓубривата.
Други конфликти предизвикаа катастрофални нарушувања на локалните прехранбени системи, како што е војната во Судан, која доведе до сериозен недостиг од храна во големите градови и до пораст на акутниот глад.
Во своето обраќање, монсињор Чика Арелано ги повика нациите да се спротивстават на овој „многу негативен тренд“ преку координирани интервенции, за земјите да можат да одат заедно „во братска хармонија“.
Главната цел, рече тој, е сите луѓе да имаат стабилен и постојан пристап до доволна, хранлива и безбедна храна.
Постојаниот набљудувач на Светиот Престол ги повика европските земји да воспостават законски рамки што ќе водат кон модели на исхрана засновани врз „социјална правда, одржливост на животната средина и почитување на човечката личност како водечки принципи на сите јавни и приватни активности“.
Градењето отпорност во светските земјоделско-прехранбени системи е еден од најитните приоритети на нашето време, рече тој.
Монсињор Чика Арелано повика на преобразба на начинот на производство на храната, со премин од алчна експлоатација кон поголеми инвестиции во најранливите и заборавени рурални области.
„Земјоделскиот сектор“, рече тој, „треба да биде поддржан со мудри економски и политички одлуки, кои ќе им овозможат на младите луѓе со ентузијазам да се посветат на земјоделството и да не го напуштаат селото обесхрабрени, заминувајќи во градовите“.
На крајот, монсињор Чика Арелано рече дека производството на земјоделски производи треба да го има достоинството на човечката личност во центарот, да ги задоволува потребите за храна без да ја загрозува иднината и да промовира достоинствена работа на локално ниво.
Ватикан њуз/к.мк

