Папата ги демантира гласините за неговата оставка и сака да оди во Москва и Киев

Папата ги демантира гласините за неговата оставка и сака да оди во Москва и Киев

Папата Фрањо во интервју за новинската агенција Ројтерс рече дека

Папата Фрањо демантира дека има намера да поднесе оставка (не ми паднало на памет. Засега не – вели), а ги демантира и гласините дека боледува од рак. Освен тоа, ја повтори неговата подготвеност да патува во Русија и Украина што е можно поскоро, можеби во септември. Дополнително, вели дека ја почитува одлуката на Врховниот суд на Соединетите Американски Држави за прекин на бременоста и уште еднаш цврсто го осуди абортусот. Римскиот бискуп го кажа сето ова во долгото интервју што го даде за дописникот на Ројтерс Фил Пулела во саботата. Разговорот траеше околу 90 минути, а ви го пренесуваме првото резиме со дел од содржината што ја објави агенцијата.

Гласини за оставка

Како што е познато, според различни написи и коментари во медиумите, некои неодамнешни или планирани настани (од конзисториумот на крајот на август до посетата на Аквила каде што е погребан Селестин V, кој абдицирал во 1294 година) упатуваат на намерата Папата да се повлече од понтификатот. Но, Папата Фрањо го демантира таквото толкување. Сите овие коинциденции наведоа некои да помислат дека тоа ќе се случи. Но, никогаш не ми паднало на памет такво нешто. Засега не, навистина – рече римскиот епископ.

Во исто време, како што веќе неколкупати направи, објасни дека ја зема предвид можноста за повлекување, особено по одлуката на Бенедикт XVI во 2013 година, во случај неговото здравје да го оневозможи вршењето на неговата служба. Но, на прашањето кога може да се случи тоа, тој одговори: „Не знаеме. Господ ќе каже“.

Здравјето на Папата

За проблемот со коленото, папата Фрањо зборуваше за одложеното патување во Африка и потребните терапии и одмор. Тој рече дека многу страдал поради одлуката за одложувањето, главно затоа што сакал да промовира мир и во Демократска Република Конго и во Јужен Судан. Папата – напомена новинарот – употребил бастун кога влегол во просторијата каде што се одржа интервјуто, во приземјето на Домот Света Марта. Потоа Светиот Отец изнел детали за состојбата на неговото колено, велејќи дека доживеал мал прелом кога направил погрешен чекор додека лигаментот бил воспален. Добро сум, полека закрепнувам – додаде тој, објаснувајќи дека преломот се лекува со помош на ласерска и магнетна терапија.

Папата Фрањо потоа ги демантираше гласините дека му бил дијагностициран рак пред една година, кога бил подложен на шестчасовна операција за отстранување на дел од дебелото црево поради дивертикулитис, честа состојба кај постарите лица. Операцијата беше многу успешна – рече Папата, додавајќи со насмевка дека не му кажале ништо за наводниот рак, кој ги нарече „дворски озборувања“. Тој изјави дека не сака операција на коленото бидејќи општата анестезија при минатогодишната операција имала негативни нуспојави.

Папата сака да оди во Москва и Киев

Во интервјуто потоа станало збор и за меѓународни теми. Зборувајќи за ситуацијата во Украина, папата Фрањо ги истакна контактите на државниот секретар Пиетро Паролин и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за можното патување во Москва. Првичните сигнали не беа добри. Првиот пат кога се разговараше за ова можно патување беше пред неколку месеци – рече Папата и објасни дека Москва одговорила дека не е вистинскиот момент. Сепак, тој навести дека сега можеби нешто се променило.

Би сакал да одам во Украина, но сакав прво да одам во Москва. Разменивме пораки во оваа насока, бидејќи мислев дека ако рускиот претседател ми дозволи мал отвор за да му служам на мирот… Сега е можно, по враќањето од Канада, да можам да заминам за Украина. Првото нешто што треба да се направи е да отидам во Русија и да се обидам на некој начин да помогнам, но јас би сакал да одам во двата главни града – рече Светиот Отец.

Може ли проблемот да се реши со абортус?

На крајот, во разговорот Папата се осврна на одлуката на Врховниот суд на Соединетите Американски Држави, со која е поништена историската пресуда Ро против Вејд, со која се утврдува правото на жената на абортус. Папата Фрањо рече дека ја почитува одлуката, но дека нема доволно информации за да зборува за тоа од правен аспект. Но, тој исто така остро го осуди абортусот, споредувајќи го – како што правел многу пати досега – со ангажирање убиец. Прашувам: дали е легитимно, дали е правилно да се елиминира човечки живот за да се реши некој проблем? – рече Светиот Отец.

Новинарот побара од Папата да ја коментира и актуелната дебата во Соединетите Американски Држави, за можноста католички политичар кој лично се противи на абортусот, но го поддржува правото на другиот на избор, да се причести. На претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, на пример, надбискупот од Сан Франциско, неговата бискупија ѝ забрани да прими Причест, но таа редовно се причестува во една парохија во Вашингтон, а минатата недела се причести од свештеник на света Литургија, во базиликата Свети Петар, предводена од Папата.

Кога Црквата ќе ја изгуби својата пасторална природа, кога епископот ја губи својата пастирска природа, тоа предизвикува политички проблем – рече папата Фрањо и додаде: Тоа е се што можам да кажам.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот