Папата Лав XIV ги охрабри учесниците на семинар за црковна комуникација во Чиле да промовираат комуникација која, „пред новите можности што ги нуди технолошкиот развој, знае да го заштити достоинството на човечката личност“.
Папата Лав XIV ги охрабри комуникаторите да се погрижат секоја технолошка алатка да биде ставена „во служба на вистината и општото добро“, додека Црквата размислува за можностите и предизвиците што ги носи вештачката интелигенција.
Неговата порака, потпишана од кардиналот државен секретар Пјетро Паролин, беше испратена до учесниците на 7. Меѓународен семинар за црковна комуникација, кој се одржува на 27 и 28 јули на Папскиот католички универзитет во Чиле, Сантјаго.
Семинарот, насловен „Предизвиците на вештачката интелигенција“, ги собра комуникаторите, пасторалните работници, академиците и претставниците на Црквата од цела Латинска Америка и Карибите, за да размислат за етичките, културните и верските последици од вештачката интелигенција во светлината на енцикликата Magnifica humanitas на папата Лав XIV.
Мудрост и одговорност во ерата на вештачката интелигенција
Обраќајќи му се на надбискупот Рене Освалдо Реболедо Салинас, претседател на Чилеанската бискупска конференција, Папата изрази надеж дека учесниците ќе промовираат „комуникација која, пред новите можности што ги нуди технолошкиот развој, знае да го заштити достоинството на човечката личност и да ги стави сите алатки во служба на вистината и општото добро“.
Папата Лав XIV го довери семинарот на водството на Светиот Дух, молејќи се учесниците да се соочат со предизвиците што ги поставува вештачката интелигенција „со мудрост и одговорност, за црковната комуникација да може да поттикнува средба меѓу луѓето и да придонесува за navestuvawe на Евангелието“.
Социјалните мрежи како човечки простори
Отворајќи го семинарот, кардинал Фернандо Наталио Чомали Гариб, надбискуп на Сантјаго де Чиле, се осврна на влијанието на социјалните мрежи, опишувајќи ги како „вистински човечки“ простори, бидејќи во нив се одразуваат емоции, односи и конфликти.
„Сè што ни се случува нам, се случува и таму“, рече тој, предлагајќи четири основни критериуми за комуникација: вистина, добрина, убавина и корисност.
Кардиналот истакна дека Magnifica humanitas, посветена на заштитата на човечката личност во ерата на вештачката интелигенција, не треба да се чита само од технолошка перспектива.
„Денес многу се разговара за вештачката интелигенција“, забележа тој, „но оваа енциклика пред сè зборува за човечкото достоинство и за вистината“.
Да се гради Ерусалим, а не Вавилон
Кардиналот Чомали рече дека комуникацијата вкоренета во тие принципи може да го зајакне животот во заедницата во едно сè поиндивидуалистичко општество.
„Ќе го промовираме дијалогот, ќе го промовираме братството. На крајот, ќе го градиме Ерусалим, а не Вавилон“, рече тој.
Истите теми одекнаа и во проповедта што ја одржа за време на евхаристиското славење што следеше. Опишувајќи ја Magnifica humanitas како „христолошка“ енциклика, тој повика на комуникација обележана со расудување и изрази надеж дека вештачката интелигенција секогаш ќе остане во служба на човечкото достоинство.
Заедничко патување на Црквата
Меѓу говорниците на отворањето беа и Хуан Карлос де ла Љера, ректор на Папскиот католички универзитет во Чиле, и надбискупот Реболедо Салинас, кој го опиша собирот како конкретен израз на синодалноста и на заедничкото патување на Црквата.
Тој рече дека објавувањето на Magnifica humanitas му дава повторно значење на пасторалното размислување на Црквата за новите технологии.
„Неприкосновеното достоинство на човечката личност мора да биде принцип, критериум и крајна цел и на технолошкиот развој и на научниот напредок“, рече тој.
Пораката од семинарот е јасна: технологијата, колку и да е напредна, не смее да стане цел сама за себе. Таа треба да му служи на човекот, на вистината, на средбата и на општото добро.
Ватикан њуз/к.мк

