Украина и Русија постигнаа договор за локално хуманитарно примирје во Олешки, кое официјално треба да започне на 29 октомври, со цел доставување помош и безбедна евакуација на цивилите. Руската страна најави дека нејзините сили ќе почнат да го почитуваат прекинот на огнот уште од 27 октомври, како подготовка за хуманитарната операција.
Веста за примирјето доаѓа само една недела откако папата Лав XIV апелираше за хуманитарен прекин на огнот во Олешки.
За време на телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, што го водеше од болницата „Џемели“ во Рим, Папата укажа на тешката хуманитарна состојба во градот во регионот Херсон и ја нагласи потребата да се овозможи доставување храна и медицинска помош, како и безбедна и доброволна евакуација на цивилите.
Папата телефонски разговараше и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, при што повторно беше разгледана состојбата во Олешки.
Киев и Москва го потврдија примирјето
Комесарот за човекови права на украинскиот Парламент, Дмитро Лубинец, го потврди примирјето и ѝ се заблагодари на првата дама на САД, Меланија Трамп, за нејзината улога во посредувањето.
Тој соопшти дека хуманитарната операција ќе се одвива во неколку фази, нагласувајќи дека Украина прави сè што е можно за да ги спаси жителите на Олешки.
Белата куќа како официјален почеток на примирјето го наведе 29 октомври, додека рускиот началник на Генералштабот, генерал Валериј Герасимов, најави дека руските сили ќе го почитуваат прекинот на огнот уште од 27 октомври.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, исто така го потврди постигнатиот договор, чија цел е да се овозможат хуманитарна помош и евакуација на цивилите.
Улогата на Меланија Трамп
Белата куќа соопшти дека Меланија Трамп и нејзиниот претставник биле вклучени во посредувањето меѓу руската и украинската страна околу условите и временската рамка на хуманитарната операција.
Киев се согласи на разговори во Абу Даби
Претседателот Зеленски потврди дека делегации на Украина, Русија и САД ќе се сретнат во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати, во првата половина на ноември.
Новата рунда трилатерални разговори, на ниво на работни групи, претставува обид за продолжување на директниот дијалог меѓу Москва и Киев со посредство на Вашингтон.
Соопштението уследи по разговорите на Зеленски со американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои во изминатите денови се сретнаа и со рускиот претседател Владимир Путин.
Зеленски инсистира на безбедносни гаранции
Претседателот Зеленски повтори дека секој евентуален мировен договор мора да содржи цврсти меѓународни безбедносни гаранции за Украина, како и долгорочно финансирање на украинските вооружени сили.
Безбедносните гаранции остануваат едно од клучните прашања во евентуалните преговори, заедно со територијалните прашања и механизмите за спроведување на поширок прекин на огнот.
Ватикан њуз/к.мк

