Интервју со фра Иво Павиќ: Црквата е харизматска

Интервју со фра Иво Павиќ: Црквата е харизматска

На 11 и 12 ноември 2017 година, во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, фра д-р Иво Павиќ одржа духовна обнова за верниците. Ова прилика католици.мк ја искористи за да направи краток разговор со него.

Католици.мк: Фра Иво можеме да преминеме на првото прашање, за почеток кажете ни за вашиот животен пат: за свештенството, за повикот, за посланието кое го имате, или едноставно кој е Иво Павиќ?

Еве, јас сум фрањевец, свештеник фра Иво Павиќ, доаѓам од Босна, провинција Босна Сребрена. Веќе 20 години сум католички свештеник и всушност 20 години сум во ова служба на евангелизација, ослободување и оздравување. По цел свет одржувам духовни обнови, духовни семинари и на тој начин сакам да им помогнам на луѓето, нивната вера да оживее, да се предадат на Исус.

Католици.мк: Вие сте во Струмица, по повод духовната обнова која се одржува во катедралата „Успение на Пресвета Богородица“, но ова не е ваша прва посета на Македонија. Какви се вашите искуства и впечатоци од претходните посети на овие краишта?

Јас бев во Скопје три пати, доаѓав таму и држев духовни обнови и видов дека имаше многу плодови, секако доста е тврдо, таму каде што е почеток, каде прв пат има духовна обнова и тоа е малку тешко, но малку по малку, и така и во Скопје и овде луѓето се отвораат. Се гледа голем копнеж за Бог и мислам оваа посета на луѓе кои доаѓаат ни зборува дека ни требат духовни обнови, и во Македонија и насекаде во светот.

Католици.мк: Што е она што ги прави вашите духовни обнови карактеристични и истовремено да бидат посетени од толку голем број луѓе?

Духовната обнова им нуди на луѓето многу работи. На пример молитва за оздравување, молитва за ослободување, Исповед и поединечни молитви и тоа е она што ги привлекува луѓето. Чудесата на оздравувања ги привлекуваат, тоа ни треба денес.

Католици.мк: Кога ги полагате рацете врз верниците, многумина паѓаат. Можете ли да ни објаснете што всушност се случува во тој момент и што значи терминот „паѓање во духот“?

Па „паѓање во духот“ или „почивање во духот“ тоа е еден начин всушност како Бог го лекува својот народ, тоа е еден од начините. Има многу начини, тој не е најважниот, но многу е важен и преку тоа, преку тоа „паѓање во духот“, би кажал дека се случуваат пет работи: физичко оздравување, духовно оздравување, внатрешно исцелување, потоа тоа е благослов и се случува „Крштение во Светиот Дух“. И тоа е често знак за неверниците.

Католици.мк: Можете ли да ни наброите искуства или сведоштва од вашите духовни обнови кои посебно ви оставиле впечаток?

Секоја обнова, духовна обнова има нешто, нешто добро, убаво, нешто што во другите го нема. Господ секогаш изненадува со некои нови работи, макар тоа да се мали групи, големи групи или не знам ниту јас, на стадионите, но Господ е жив. Тој секогаш прави нешто ново и го благословува својот народ, го посетува, го оздравува.

Католици.мк: Кажете ни повеќе за харизматските движења во Католичката Црква?

Црквата ги прифатила харизматските движења. Сите Папи се за харизматското движење. И Црквата е харизматска, значи Црквата е и институција но и харизма, и мислам дека овие две работи одат секогаш заедно. Така сметам дека во иднина е добро свештениците да се вклучат во харизматското, всушност тоа да биде составен дел од пасторалот, составен дел на Литургијата, молитвите, нашата служба како свештеници.

Католици.мк: Каков е вашиот совет до младите кои размислуваат за духовен повик, а што ќе им кажете на момчињата и девојките кои имаат повик за христијански брак?

Ова е добро прашање, и често младите ми доаѓаат и сакаат да имаат звање, сакаат, но велат не знам дали треба да бидам чесна сестра/свештеник, но не сум сигурен на што Бог ме повикува. Тогаш, јас им велам, најдобро кажете Му на Исус, еве Исусе ако сакаш, јас да бидам свештеник, да Те следам од блиску, ако сакаш да бидам чесна сестра, еве ме. Ако сакаш да се оженам, да се омажам да имам многу деца, семејство, еве ме. Значи важно е тоа да му го предадеме на Исус, да му дадеме на Исус слобода.

Католици.мк: Во Црквата Македонија, 2017 е прогласена за Година на молитвата, кажете ни како вие ја доживувате молитвата?

Молитвата за мене е разговор со Господ, една блискост, една интимност со Господ, во која можам да го слушнам неговиот глас, поточно можам да го слушам Него и Бог е жив, Он зборува. Така на тој начин треба да ја вежбаме својата молитва, да можеме Бог да го гледаме, да можеме со Него да се сретнеме во молитвата. Тоа е средба со Бог, тоа е молитвата.

Католици.мк: Фра Иво ви благодариме за времето кое го одвоивте за нас. За крај која порака ќе им ја упатите на нашите читатели?

Пораката за читателите на Католици.мк е следна: Предадете го својот живот на Исус Христос. Кажете му „да“ на Исус Христос, на Блажена Дева Марија Богородица, „не“ на гревот, не на сатаната, тогаш сѐ ќе биде добро.

За Католици.мк интервјуто го водеше Данче Ичева

Категорија: Вести, Македонија

За авторот