Папата Лав XIV во Гран Канарија: Да се симнеме од пиедесталите на гордоста што нè разделуваат
На Светата Литургија во Гран Канарија, папата Лав XIV предупреди на „вревата на едно помпезно, сеприсутно и немирно ‘јас’“ и се присети на мигрантите што ги загубиле животите обидувајќи се да стигнат до островот.
Папата Лав XIV во четврток вечерта, 11 јуни 2026 година, зборуваше за љубовта, страдањето и понизноста, предводејќи ја Светата Литургија на стадионот „Гран Канарија“.
Гран Канарија, шпански остров во близина на западниот брег на Африка, е една од главните точки на пристигнување за мигрантите кои бараат нов живот во Европа.
Во својата проповед, Папата рече дека сака да се присети на „страдањата за кои сведочи оваа земја“ и ги повика присутните заедно да се молат за „нашите браќа и сестри кои ги загубија своите животи на море“.
„Мака за срцето“
Папата Лав ја започна проповедта размислувајќи за првото читање од Светата Литургија, земено од Книгата Второзаконие, во кое се опишува Божјата „безусловна“ љубов кон Израилот.
Тоа е љубов, рече Папата, која „го проникнува целото наше битие“ и станува „оган за душата, светлина за умот, мир, неодолив поттик кон слободата… мака за срцето“.
Во оваа безусловна божествена љубов, нагласи папата Лав, е вкоренет и нашиот сопствен повик кон љубовта.
Да се прегрнат оние што страдаат
Потоа Папата се осврна на второто читање од денот, земено од Првото послание на свети апостол Иван.
Во зборовите на апостолот, рече папата Лав,содржиатпокана „со мајчинско сочувство да се прегрнат оние што страдаат“.
Сепак, нагласи тој, нашето сочувство не смее да застане само на материјалната помош. Тоа треба да поттикне вистинска грижа за „духовниот, интелектуалниот и физичкиот“ развој на оние што се во потреба.
Вревата на „немирното јас“
Светата Литургија се совпадна со празнувањето на Пресветото Срце Исусово. Завршувајќи ја својата проповед, папата Лав се задржа на една особена карактеристика на Христовото Срце: понизноста.
Папата рече дека, „зашеметени од вревата на едно помпезно, сеприсутно и немирно ‘јас’“, многу луѓе денес ја губат тишината што им е потребна за да го слушнат во себе „скриеното срце на љубовта што чука“.
Исус, истакна Папата, ни го покажува патот.
„Мораме да се симнеме од пиедесталите на гордоста што нè разделуваат и да се препознаеме во понизноста што нè обединува“, порача папата Лав XIV.
На крајот од Светата Литургија, Папата се помоли пред ликот на Богородица од Пино, доверувајќи ги на нејзиното мајчинско застапништво жителите на островот, мигрантите и сите што страдаат.
Ватикан њуз/к.мк

