Христос не се изморува за ранетиот свет да повторува: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават“.

Христос не се изморува за ранетиот свет да повторува: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават“.

Недела на Страдањата Господови, почеток на Страсната седмица. Папата Фрањо во недела 10 април 2022 година служеше Света Миса со верниците на плоштадот Свети Петар, потсетувајќи во својата проповед дека Бог никогаш не се изморува да простува. Христос повторно е распнат во лудилото на војната, рече Папата – повторно е распнат во мајки кои плачат за смртта на своите мажи и деца, во бегалците, старите, младите, во војници испратени да ги убиваат своите браќа.

По навестувањата на Страдањата Господови, Папата во својата проповед истакна дека менталитетот на егото на распнувачот, кој извикува „спаси се себеси“, е спротивен на оној Божјиот, на Спасителот кој се нуди самиот себе. Еден израз особено ја означува разликата во зборовите.

„Оче, прости им“ (Лука 23,34), Исус ги изговара за време на распнувањето – кога ќе почувствува како клиновите му ги пробиваат зглобовите и стапалата, потсети Папата. Овде, во најтешката физичка болка на Страдањето, Христос бара прошка за оние што го приковуваат. Во тие моменти човек би сакал само да го искаже сиот свој гнев и страдање. Исус, пак вели: „Оче, прости им“. Прицврстен на бесилка на понижување, „тој го зголемува интензитетот на дарот (италијански dono), кој станува простување (италијански per-dono ).

Од дупката на болката извира простувањето

Господ истото го прави и со нас, потсети Папата. Кога ќе го повредиме со нашите постапки, тој страда и сака само едно: да може да ни прости. Да го погледнеме Распнатиот за да бидеме свесни за тоа. Простувањето извира од неговите рани, од тие дупки на болка предизвикани од нашите клинови, нагласи Светиот Отец.

„Да го погледнеме Исус на крстот и да се потсетиме дека никогаш не биле искажани поубави зборови: Оче, прости им. Да го погледнеме Исус на крстот и да сфатиме дека никогаш не сме добиле поблаг и посочувствителен поглед. Да го погледнеме Исус на крстот и да сфатиме дека никогаш не сме примиле прегратка со толку многу љубов. Да го погледнеме Распнатиот и да кажеме: „Ти благодарам, Исусе: ти секогаш ме сакаш и секогаш ми простуваш, дури и кога ми е тешко да се сакам и да си простам себеси“.

Да одговориме на клиновите на животот со љубов

Во најтешкиот момент, Исус ја живее својата најтешка заповед: да ги сакаш своите непријатели. Честопати се задржуваме на преиспитување на оние кои нè повредиле, како и на гледање во нашата внатрешност и на милувањето на раните што ни ги нанеле другите, животот, историјата, забележа Папата. Но Исус нè учи денес да не се задржуваме на тоа. Тој нè повикува да реагираме, да го прекинеме кругот на злото и оплакувањето, да одговориме на клиновите на животот со љубов, на ударите на омразата со милување со простување.

Дали сакаме да ја провериме нашата припадност кон Христос, да размислиме како се однесуваме со оние кои нè повредиле, поттикна Папата. Господ бара од нас да не одговараме онака како што се чувствуваме или како што прават сите други, туку онака како што Тој прави со нас. На секого треба да се покаже сочувство и милост, бидејќи Господ во секого гледа дете. Не нѐ дели на добри и лоши, пријатели и непријатели. Ние сме тие што го правиме тоа, поради што тој страда. За него сите ние сме сакани деца кои сака да ги прегрне и да прости. Привилегија на секој од нас е да бидеме сакани, да ни биде простено.

Бог не се изморува да простува

Зборовите „Оче, прости им, оти не знаат што прават!”, Исус не ги „кажал“ (ред 34) само еднаш за времето на распнувањето, туку поминал часови на крстот со тие зборови на усните и срцето, се нагласува во Евангелието. Бог никогаш не се изморува да простува, тоа мора да го сфатиме, но не само со умот, туку и со срцето: Бог не се изморува да простува, но ние сме тие што се изморуваме да бараме простување, но тој никогаш не се изморува да простува – тој не е таков што ќе опстојува во тоа до одредена точка, а потоа да се премисли, како што сме ние во искушенијата, истакна папата Фрањо. Исус, како што учи Евангелието по Лука, дојде во светот за да ни донесе простување на нашите гревови и на крајот ни даде прецизна упатство: во негово име на сите да проповедаме простување на гревовите (сп. Лука 24,47).

„Браќа и сестри, да не се измориме од Божјото простување: да го споделиме ние свештениците, да го прими секој христијанин и да сведочи за тоа.

Исус, нашиот Застапник

Исус не само што моли за простување, туку ја кажува и причината: прости оти не знаат што прават, рече Папата. Вака се однесува Исус со нас: тој станува наш застапник. Тој не оди против нас, туку за нас против нашиот грев.

Тешко е да се замисли дека распнувачите не знаеле. Тие го планирале неговото убиство со умисла, го организирале неговото апсење, неговите судења и сега се на Голгота за да бидат сведоци на неговата смрт. Сепак, Христос ги оправдува овие насилници затоа што не знаат, нагласи Папата, тоа е незнаењето на срцето што го имаме сите ние грешниците. Кога се користи насилство, ништо повеќе не се знае за Бог, кој е Отец, ниту за другите, кои се браќа, рече Светиот Отец. Се заборава зошто сме во светот и на крајот почнуваат апсурдни ѕверства. Ова го гледаме во лудилото на војната во која Христос повторно е распнат.

„Да, Христос повторно е распнат на крст во мајките кои плачат поради неправедната смрт на нивните сопрузи и деца. Тој е распнат во бегалци кои бегаат од бомбите со деца во раце. Тој е распнат кај старите кои се оставени да умрат сами, кај младите на кои им е одземена иднината, кај војниците кои се испратени да ги убиваат своите браќа“.

Многумина ја слушаат оваа нечуена реченица, но само еден ја прифаќа. Станува збор за злосторник кој е распнат покрај Исус. Добриот разбојник го прифаќа Бог на крајот од својот живот и така неговиот живот започнува одново. Во пеколот на светот го гледа како се отвора рајот: „Денес ќе бидеш со мене во рајот“ (ред 43). Тоа е чудото на Божјото простување, кое последното барање на осудениот на смрт го претвора во прва канонизација во историјата, објасни Светиот Отец.

Влегувајќи во Страсната седмица, папата Фрањо на крајот од проповедта поттикна прифаќање на гаранцијата дека Бог може да го прости секој грев, секое оддалечување, секој плач да го претвори во радост (сп. Псалм 30,12); уверувањето дека кај Христа секогаш има место за секого; дека со Исус никогаш не е готово, никогаш предоцна.

Со Бог секогаш може да се вратиме во живот. Храбро, да одиме кон Велигден со неговото простување, поттикна Светиот Отец, зашто Христос постојано се застапува за нас кај Отецот (сп. Евреите 7, 25), а пред нашиот насилен, наш ранет свет не се изморува да повторува: Оче, прости им оти што не знаат што прават. На крајот Светиот Отец ги повика верниците да ги кажат овие зборови во своите срца, во тишина, со Исус.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот