Христос Цар
Празникот Христос Цар е еден од поновите празници на Црквата, кој го воведе папата Пиј XI во 1925 година. Тоа е време меѓу двете Светски војни, време кога започнуваат да се формираат и шират тоталитарните режими – нацизам, фашизам и комунизам. Исто така повод е и1700 годишнина од Никејскиот собор, каде е одбранета верата од аријазнимот и е дефинирано дека Христос е Бог. Тој собор го донесува членот од символот на верата, кој го молиме на секоја Литургија, дека Неговото Царство не ќе има крај. Поради тоа Папата го искористува моментот да го актуализира во општеството значењето на нашата вера во Исус Христос, вистински Бог од Бога вистински и дека е Цар на небото и на земјата.
Што точно мислиме кога ќе кажеме дека Христос е Цар? Тоа значи дека Нему како Богочовек му припаѓа власта над секое создание: над ангелите, човечкиот род и сите созданија. За тоа се зборува веќе во Стариот Завет. Уште пророкот Јаков пророкува за идниот Месија: „Нема да недостасува кнез од Јуда, и водач од бедрата негови, сè дури не дојде Оној, Кому му припаѓа власта, и Он е надеж на народите.“ (1Мој 49,10). Потоа Господ Бог му објава на царот Давид во вториот Псалм: „Јас го помазав Царот Свој на Сион, на Мојата Света Гора… И побарај од Мене, и ќе ти ги дадам народите во Твое наследство, и краиштата на земјата – во Твоја власт.“ Потоа за Христос пророкува и Исаија: „Неговата власт и мирот бескраен ќе растат врз престолот на Давида, … отсега па до века“ (Ис 9,7), и на крајот, слушнавме кај пророкот Даниел: „И Нему му се даде власт, слава и царство, за да Му служат сите народи, племиња и јазици; владението Негово е владение вечно, кое нема да измине, и царството Негово нема да се разруши.“ (Дн 7, 14). Истото тоа го навестува аранханѓелот Гаврил на Блажена Дева Марија: „Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај.“ (Лк 1, 32-33). И на крајот, слушаме од Исусовата уста пред Пилат, земски владетел: „Јас сум цар“.
Понатаму прашањето кое мораме да си го поставиме е: какво е тоа царство? Слушнавме дека Бог му го ветил и му го предал на Исус, престолот на Давид. Но, во разговор со фарисеите Исус истакнува дека ветениот Месија не е само негов потомок, туку самиот Давид го нарекува Господ (Лк 20, 41-44). Царството на Давид било големо и славно, но Христовото царство мора да биде поголемо и посовршено од она земското. И навистина, слушаме во Евангелието: „Царството мое не е од овој свет“.
Многу Евреи во тоа време го замислувале Месијата како славен војсководач кои ќе ги протера Римјаните и ќе го обнови славното Израелско царство, но, Исус отфрла секаква мисла дека Он би бил политички ослободител. Напротив, Неговото Царство е духовно еминентно. Се заснова на соединување на неговата божествена и човечка природа, Тој има трострука царска власт: Христос е врховен законодавец, судија и владетел над целиот свет и сите созданија, а особено Он треба да биде владетел на човечките души и човечките волји.
Да застанеме за момент и добро да размислиме за ова последното. За Исус Христос да може да царува во нашите животи, ние сме должни да го прифатиме. Дали само поединци? Кажавме, Христос е цар на целото создадено, а тоа значи – не само на поединците, туку и семејства, и цели општества. Сите сме подложени на Неговиот благ јарем и лесно бреме, и обврзани сме да го прифатиме – поединци, семејства и цели општества; да го прифатиме законот на Неговото Евангелие, кое ќе нè води кон најголемата цел на нашиот живот – вечното спасение на нашите души.
Марко Тилошанец/Д.И.