Секој ден земај го својот крст

Душата на човекот денес е постојано прогонувана и во брзање, исцрпена од бучавата, неспособна да размислува, закопана со материјалните работи, одвоена од молитвите и Бог; без сила и брз цврста надеж во вечното, заведена од безброј лажни пророци, во магла и збунетост, изложена на поројот кој денес сè руши и „брановите“ кои сè ослободуваат од Бог… Како сè уште може човекот поединец да ја најде вистината и да стекне убедување? Како човекот може да ја сочува чистотата кога целиот град станал блудница? Како може да се основа здраво семејство кога насекаде околу него семејствата се распаѓаат? Како сè уште може да се најде возвишено кога насекаде на власт е „животински човек“? Пријателе, ти денес припаѓаш на „сиромашните“! Нему му е позната твојата душевна неволја. Тој не те укорува ако паднеш под крстот. Но, Он ти говори: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Мене.“ (Лк 9, 23). Бори се секој ден за Бог, бори се за своето време на молитва, бори се за чистотата и мирот во своето семејство!

Само ако секојдневно земаш крст на себе ќе можеш и во ова време да ги сакаш луѓето. Бидејќи универзалната безбожност ги искривила срцата на луѓето: тие се возбудени, нервозни, немаат време за длабок разговор, те искористуваат и едвај да обрнат внимание на тебе и често ти нанесуваат тешка неправда: Како можеш да сакаш такви луѓе? Кој не се одлучува за крстот Христов тој и самиот ќе биде како другите меѓу кои Он трпи: пресметан и во заблуда, арогантен и ладен, потпрен само на себе и парите. Пријателе, ќе можеш да љубиш само тогаш ако секојдневно на себе земаш крст: крстот на трпеливоста и простувањето, крстот на посветеноста на браќата и учествување во страдањето на браќата.

Зошто Бог на нас ни става такви товари? Зошто толку ни отежнува за да го најдеме и да го најдеме патот до човечките срца? Зошто осаменоста на старите луѓе е сѐ подлабока и делата на насилство во светот се потешки? Зошто милиони бегалци, безбројни концентрациони логори, незгрижени деца и бракови во безредие, безумие на алкохолизмот, бројни инвалиди тела и души? Пријателе, поплавата од беди и неволји не доаѓа од Бог, туку поттекнува од безбожноста, од злото и злосторникот! Бидејќи злото е како извор полн со смрт. Злото го труе целиот живот и го уништува. Тоа ги фрла своите долги сенки на безбројни генерации. Бог не го создал страдањето, туку луѓето кои сакале да бидат „како Бог“.

Многумина се во заблуда во врска со страдањето и во врска со Бог. Очајуваат и полни се со горчина и тогаш сè им изгледа бесмислено. Зошто? Пријателе ако те нападне страдањето како див ѕвер и кога повеќе немаш никаков одговор на прашањето зошто, препушти му ја на Бог тогаш целата правда и суд! Имај доверба! Бог секоја злоба ќе ја донесе пред својот суд и ќе донесе правда за сите кои поднесуваат страдање! Никој нема залудно да трпи! Никој нема засекогаш да трпи неправда! Препушти му го судот на Бог! Препушти му го одговорот на твоето прашање зошто! Довери му се и секојдневно ставај го својот крст во неговите раце! „Оче нека биде твојата волја!“ Тоа е Божја молитва. Приклони го коленото пред великиот Бог, пред неговата мудрост и праведност! И тогаш кога не сфаќаш. Само Он ја знае длабочината на злото и страдањето; само Он ќе ти обезбеди правда. Он нема да те разочара.

Не враќај на злото со зло, туку победи го злото со дела на љубовта! Примај го својот крст секој ден на своите рамења. Само така ќе можеш да ја сочуваш љубовта. Положи го своето страдање во Божјите раце и кажи ДА!

Моли секојдневно Бројаница. Тогаш пред очи ќе ти стои Исус Кој невин го носел својот крст: „Исус Кој за нас тежок крст носел.“ Тој ќе ти помогне и на тебе да го носиш својот крст.

Бројаницата извор на силата/д-р Херберт Мадингер/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот