Во Евангелието каде е опишано Господовото влегување во Ерусалим (Лк 22,14 – 23, 56), свети Лука запишал дека жителите од околните места на Ерусалим го поздравувале Царот Исус со голема радост како очекуваниот Месија извикувајќи: Благословен е Царот, Оној кој доаѓа во Името Господово! Мир на небото! Слава на висините! Освен тоа, царската почест му ја искажувале и на друг начин. Евангелистот запишал дека учениците ги ставале нивните алишта на магарето кое го довеле за Исус со него да влезе во Ерусалим, а исто така и воодушевеното мноштво ученици ги простирале нивните алишта по патот каде што поминувал Исус. Дури и Исус се манифестирал околу сето тоа што се случувало во моментот кога некои фарисеи барале од него да ги прекори своите ученици затоа што му искажувале месијански почести. А Тој им одговорил на фарисеите: Вам ви велам, ако тие замолчаат, камењата ќе прозборат.
И додека гледаме како луѓето го поздравуваат како Месија Царот кој доаѓа во името Божјо, односно кој дава мир на небото и ја враќа славата на Бога во висините, тој го прифаќа тоа искажување на чест свесен дека искажуваат чест на неговото божество. Затоа и го прифаќа простирањето на алиштата, свесен дека тоа е минимална чест која може да му се прикаже на Бога овде на земјата. Особено затоа што Бог одлучил своето божество да го покрие со облеклото на човештвото, како што тоа и го направил. Бил толку понизен што не се воздржал да не се облече со облеката на нашата човечност, со цел подоцна да би трпел затоа што ја имал човечката природа. Фактички пред нас го прострел својот живот со тоа што се овоплотил, па им овозможил на луѓето да газат по него и да го убијат, поради што не негирал тоа што бил: Бог и Месија. Знаејќи дека не влегува во Ерусалим за да му искажат луѓето човечка слава, бидејќи никогаш ништо не правел заради човечка слава, туку за да им ја овозможи радоста за спознавањето на доаѓањето на Месијата, го продолжил својот понизен поход во Ерусалим. Тој ја избрал облеката на човечката понизност со цел да би дојдел меѓу нас луѓето, сакајќи да ни овозможи да се облечеме со неговата божественост.
И ние денес треба да ја препознаеме понизноста на Христовата човечност која на нашиот пат е најсигурна заштита и сигурност. Додека му искажуваме чест како на Месија, да не заборавиме дека Тој прв нѐ љубел и дека љубовта ја докажал во целосната понизност со која како гаранција ни го оставил сопствениот божествен живот. Затоа да тргнеме во поворката заедно со учениците кои го прифаќаат за нивен Месија и Цар и да одиме по нив во Ерусалим. Да живееме понизно како Него и да се спростреме по земјата служејќи, да ги воздигнуваме другите да одат по патот на небото. Со тоа што од нас бара пред него да ги спростреме нашите алишта на човештвото, не сака да нѐ обезвреди ниту да нѐ понижи. Не сака без обѕир да гази по нашите животи. Напротив, со својата присутност сака и нас да нѐ воздигне до мерата на меѓусебното почитувње, да не се претвориме во одземачи на туѓи алишта, туку во служители за спасението на нашите браќа. Тоа значи дека не само ќе се газиме едните со другите ниту ќе им го одземуваме нивниот имот, а и ниту ќе им ги згрозуваме нивните животи, туку ќе се ставиме самите себе на располагање на заедничкото добро и спасение.
Навистина, Тој сака да го возвиси нашето човештво кое може да биде тоа што треба, само кога ќе се ослободи од самото себе и ќе продолжи по Божјите планови. Тој сака и ние со Него да научиме да ги простираме нашите алишта – нашите животи, служејќи им на оние ко се покрај нас за да дојдат до спознанието на неизмерната Божја љубов која е слезена од небото за да ни служи на патот кон вечниот небески Ерусалим.
Вера и Дела/З.А.