Слово за живот за септември 2018

Слово за живот за септември 2018

„Со смиреност примете го насаденото слово, кое може да ги спаси душите ваши“ (Јаков 1,21)

Словото за живот за овој месец е преземено од текст кој му е припишан на Јаков, истакнат лик од Ерусалимската црква. Тој на христијанинот му препорачува доследност помеѓу верувањето и делувањето. Во почетниот дел на Послението се истакнува значаен услов: да се ослободиме од секоја злоба за да можеме да го примиме словото Божјо и да дозволиме тоа да нé води, за да можеме да чекориме кон целосното остварување на христијанскиот повик.

Словото Божјо има целосно посебна сила: тоа е творечко, произведува плодови на добрината кај поединецот и во заедницата, гради односи на љубов помеѓу секој од нас и Бог, и помеѓу луѓето.

Таа е веќе всадена во нас, вели Јаков.

„Со смиреност примете го насаденото слово, кое може да ги спаси душите ваши“ (Јаков 1,21)

Како? Сигурно затоа што Бог уште за време на создавањето ги изговорил одлучувачките зборови: човекот е Негова слика. Секое човечко создание е Божје „ти“, повикано на постоење за да го дели неговиот живот на љубов и заедништво.

Но христијаните се соединети со Христос преку Светата тајна на Крштение, Словото Божјо кое влезе во човечката историја. Затоа во секоја личност Тој оставил семе на своето Слово кое го повикува на добрина, на праведност, на себедарување и на заедништво. Прифатено и негувано со љубов, во свое „тло“, тоа е семе способно да носи живот и плодови.

„Со смиреност примете го насаденото слово, кое може да ги спаси душите ваши“ (Јаков 1,21)

Местото каде Бог јасно ни говори е Библијата, а на христијаните врвот им е Евангелието. Потребно е да се прими Неговото слово низ посветено читање на Светото Писмо, а живеејќи можеме да ги видиме и неговите плодови.

Можеме да го слушаме Бог и во длабочината на нашето срце, каде често ги забележуваме нападите на мноштвото „гласови“, мноштвото „зборови“: слогани и предлози, животни примери, како и грижи и стравови. Но како да се препознае Словото Божјо и да му се даде простор да живее меѓу нас?

Потребно е да се разоружа срцето и да се „предаде“ на Божјиот повик, за да можеме да се подготвиме за слободно и храбро слушање на Неговиот глас, често најтивок и сосема ненаметлив.

Тој глас ни говори да излеземе од самите себе и да се насочме кон патиштата на дијалог и средби, со Него и со другите, и нé повикува на соработка за да го направиме човештвото поубаво и сé повеќе сите ние да се препознаваме како браќа.

„Со смиреност примете го насаденото слово, кое може да ги спаси душите ваши “ (Јаков 1,21)

Словото Божјо има моќ да го преобрази нашето секојдневие во приказна за ослободување од темнината на злото, личното и општественото, но ја исчекува нашата лична и свесна согласност, колку и да е несовршена и кревка.

Нашите чувства и нашите мисли сé повеќе ќе наликуваат на Исусовите, во нас ќе зајакне верата и надежта во Божјата Љубов, додека нашите очи и нашите раце ќе се отвораат кон потребите на браќата.

Вака говорела Кјара Лубик во 1992 година: „Во Исус било видливо длабоко единство меѓу Неговата љубов кон Отецот небесен и љубовта кон луѓето, неговите браќа. Постоела целосна доследност меѓу Неговите зборови и Неговиот живот. А тоа ги воодушевувало и привлекувало сите луѓе. Такви треба да бидеме и ние. Мораме со детска едноставност да ги примаме Исусовите зборови и да ги спроведуваме во пракса во целата нивна чистота и сјај, во нивната сила и коренитост, за да можеме да бидеме ученици какви што Тој сака да бидеме, еднакви на Учителот: други Исуси раширени насекаде низ светот. Има ли за нас поголема и поубава авантура?“

Летиција Магри

Категорија: Вера, Духовност

За авторот