Христос воскресе – навистина воскресе!

Христос воскресе – навистина воскресе!

Драги читатели на Католици.мк и пријатели во Христа, оваа година го славиме Воскресението Христово во услови кои се многу подобри од претходните две години. Осврнувајќи се на на нив, да не се жалиме за тие изминати години, туку да благодариме затоа што излеговме со уште едно поголемо искуство на верата, а тоа е дека Господ постојано е со нас и во радост и во тага, во проблематични ситуации и во мометни кога сѐ ни врви добро.

Во тој тежок период кој го поминавме можеби изгубивме некои од своите блиски, ја оплакуваме смртта на своите сакани, но сепак не очајуваме, туку ја наоѓаме нашата надеж токму во Радосната вест на воскресението, затоа што знаеме дека смртта само е премин од смрт во живот, како што тоа ни го потврди Христос со неговото славно Воскресение. Цврсто веруваме во Христовото воскресение и воскресението на мртвите.

Токму во таквиот тежок период искусивме дека Воскресението Христово е постојано и непроменото без разлика на условите и ситуациите со кои се соочуваме. Знаеме дека Тој не е поразен, туку е победник: темнината ја претвори во светлина; страдањето во слава, смртта во живот и тоа вечен. Радосната вест е токму во тоа што Христос е жив и е со нас. Затоа не се плашиме од ниту една криза, туку веруваме дека тој има сила да нѐ избави од секоја ситауција, која може да нѐ пресретне во иднина.

И токму на тоа сме повикани, таа радост, исто како и апостолите, да ја споделиме со другите. Затоа да дозволиме другите во нашите животи да ја видат љубовта Христова и нашата длабока вера во Неговото воскресение. Другите нека ја видат радоста на животот во нас, нека го видат мирот Христов.

Воскреснатиот Христос нека ве благослови вас и вашите семејства со својот Воскресен мир и да навестуваме на оние кои се без надеж и без смисла во животот дека Христос Воскресна, тој е жив, тој е со нас.

Христос воскресна – навистина воскресна.

Католици.мк

Категорија: Проповеди

За авторот