Проповед на владиката Стојанов на поклонението на сестрите Евхаристинки во Солун

Проповед на владиката Стојанов на поклонението на сестрите Евхаристинки во Солун

 Почитувани сестри, браќа свештеници и сите присутни,

Посебна причина е денешната наша духовна средба. Дојдовме на поклонение на местото „каде Бог ја допре земјата“. Имено, секогаш кога Бог создава големи дела, го прави тоа на чудесен начин, преку луѓето. Најпрво си избира соработник и тогаш на неочекуван и таинствен начин ја „вознемирува“ таа избрана личност сè додека не го препознае и исполни Божјиот план. Релативно, нам ни е лесно тоа подоцна да го препознаеме. Ако е Божјо дело останува, ако е само човечко, пропаѓа. Вашата присутност овде е, и после 128 години, доказ дека овде на оваа место се објави Божјиот план, Божјиот нацрт. Основателот, о. Јосиф Алоати, на оваа место прими вдахновение од Бога да ја основи вашата Конгрегација – Општество. Средбата беше необична – како и секогаш кога Бог интервенира. Не е наредба, туку вдахновение. Бог секогаш на човекот му остава слобода, простор за соработка. Повеќе повикува одошто наредува. Така беше тоа и при најголемата Објава, кога Архангел Гаврил и го навести Воплотението на Марија. И тогаш на Марија и беше понудена слобода да прифати или не. Тогаш таа го изусти најдобриот збор што воопшто му доликува на еден човек да го изусти во однос кон Бога: Нека ми биде според зборовите твои…така и беше.

А сега да се вратиме на настаните овде. Четврта постојка на Крстниот пат. Марија го среќава својот син Исус под крстот на патот кон Неговото погубување, кон Голгота. Средбата се случила под сенката на дрвото. Недоделкано, тешка греда на мачеништво. Средба без зборови, само поглед. Од двете страни страданија и тоа неизмерни. Не знае човек кој најмногу страда. Мајка или Син, но во очите и сега – и кај двајцата – се гледа една јасна порака: Оче нека биде не моја туку твоја волја. Можеби ниту на Исус не му е јасно, на Марија никако, што сето тоа мора да биде толку трагично, страдалнички, но сигурно е дека тие двајцата имаат само една мисла: да ја исполнат волјата на Отецот и да го прослават Бога. Ние не го знаеме секој детаљ, што токму вашиот Основател чувствуваше при оваа постојка. Претпоставуваме. Но, едно е сигурно: Сакаше да ја исполни Божјата волја и да го прослави Бога. Не се откажал, туку се дал на размислување и дејствување со силна и долготрајна молитва. Молитвата била „орање на нивата“ за засадување на новиот живот. Кој ќе ја обработува таа „нова нива“? Тој не може сам. Ја повикува својата сестра, побожна и целосно предана на Бога. Таа? Сепак, не се одѕвала веднаш. Отишла на советување со Бога во молитвата,и со луѓето, односно со свети Иван Боско. Ете, и повторно „ако пченично зрно не падне на земја, и не умре, нема да донесе плод“. Зарем корените на вашата заедница не се најдоа под моќната заштита на свети Иван Боско? Не знам, сепак, таа околност ми е мила, токму од тука започнува посеаното семе на вашата Конгрегација Сестри Евхаристинки која силно и нагло се развива.

Еднаш, драги сестри, при една наша духовна средба во едно мое духовно предавање реков дека вие Евхаристинките сте родени во Салата на последната вечера. И сега тоа го тврдам. Како? Исус своето Тело и својата Крв прво ја жртвуваше на последната вечера. Претпоставувам дека таму била и неговата Мајка Марија. Таму го предаде своето „тело“ и ја пролеа својата „крв“ за опростување на гревовите. Сè што понатаму се случувало е само исполнување во страданијата на онаа што веќе во преданието е извршено. Така – таа средба на четвртата постојка е само потврда: Да, Мајко, тоа е што сум го рекол, се предавам во смрт. Тоа е онаа што таа повторно го повторила нека биде. Последната вечера и Голгота се еден чин, една целина.

Драги сестри, од тие факти, имено, од Салата на последната вечера и од Голгота, треба да ја гледате својата харизма. Во таа харизма битна е присутноста на Марија – „Мајка на евхаристијата“, како тоа го рече свети Иван Павле II. Нема Евхаристија без Марија. Не е ли таа Божја порака од Четвртата постојка на Крстниот пат. Света Мајка Тереза го разбрала – како животен позив – Исусовиот збор „Жеден сум“ и нашла начин како да ја гаси таа Исусова жед. Мислите ли дека Бог не сака поинтензивно да ја продолжите својата харизма токму како Сестри Евхаристинки? Да, верувам дека сака.

Сега, кога сме на изворот на зачетокот на Општеството, се наоѓаме пред една многу битна порака при оваа наше поклонение на оваа наша духовна средба, имено тоа е: Како да продолжиме понатаму кога нас е сè помалку и помалку? За оваа тврдење само кратко ќе ги интерпретирам зборовите на Светиот Отец папа Франциск од Велики четврток оваа година. Говореше за звањата. Ништо не можеме без Исус и никако без Него, а тоа е прашањето за духовните звања: Зошто? Бидејќи, Исус секого лично го повикува. За звање постојат два паралелни патишта, првиот е: Молитвата и вториот е да се биде „подвижна книга“ на примери и сведочења да секој јасно може да види, која е чесната сестра Евхаристинка. Предлагам, во секоја ваша куќа, секоја Сестра таму каде што се наоѓа барем дневно да најде половина час на обожавање и тоа во тишина за свои духовни звања и ве поттикнувам на многу примерен живот на сведочење. „Присилете“ го Господ Бог да се смилува и сигурно дека ќе сака, затоа што е Семоќен, само ја бара, како и секогаш, нашата слобода и нашата соработка.

Нека оваа ни биде свет завет, света одлука но и цел при оваа наше поклонение! Амин.

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот