Средбата во Наин: Лек за бесмртност

Средбата во Наин: Лек за бесмртност

Денешното Слово Божјо, драги браќа и сестри, зборува за средбата на Животот и смртта: смртниот човек и Бог животосоздателот. Секоја смрт е едно големо прашање и бара одговор. Сите ние сме доживеале некоја смрт на сакана личност. Сме стоеле покрај неа и сме очекувале „чудо“ – сме се молеле за чудо. (…)

Така и Исус се среќава на портите на градчето Наин со погребна поворка: во гробот носеле едно момче, син единец на вдовица. Плачела како што само мајка знае да плаче. Во гробот ја носеле целата нејзина надеж, целата среќа и љубов – а останувала само болката. Никој толку длабоко не ја чувствувал тагата и болката на мајчиното срце, како Исус. Исус ја смирува, а потоа ја запира поворката и го повикува момчето да стане и да се врати во живот. Сите животи кои на земјата му припаѓале на Исус, одат во прегратката на Исус. Тој не дава такви животи во устата на смртта.

На колку денес Исус им вика да станат од гробовите свои. Колку мајки денес плачат над своите деца? „Мртви“ луѓе одат по нашите улици. Се изгубиле како луѓе. Немаат никаква смисла за живот. Нешто во нивниот живот станало празно, како духот да си заминал од нив. Сепак и тие ја бараат својата смисла во животот – и тие го бараат својот „Христос“ за да ги оживи. Бараат разни учители, чиј збор ќе им го врати животот. Колкумина не го слушаат или не сакаат да ги слушнат зборовите: „Момче стани!“ иако немаат друг излез. Или ќе прифатат да бидат „воскреснати“ или ќе умрат. Потребно е во Христос да го откриеме својот Спасител, оној кој нè повикува и во кој можеме да ја најдеме смислата на својот живот. Неговиот живот и Слово на човекот му даваат светло и нова насока за живеење. Исус го покажува Бог како смисла на животот. Човечкиот живот или се живее со смисла или воопшто не се живее. Многу млади, брачни парови, па и свештеници живеат само во своето тело, а духовно се мртви. Телото им е живо, душата е усмртена од гревот. Свети Августин напишал: „Грешникот навистина оди со своите нозе, допира со рацете, гледа со очите… Но мислиш ли дека ваквиот грешник живее. Тој живее, но само телото негово живее, душата му е мртва. Неговиот подобар дел е мртов. Станот е жив, но мртов е неговиот жител.“

Кога би можеле да видиме каква е душата која Бог ја напуштил – мртва душа – мислам: не би можеле да ги запреме солзите, но над таквите мртовци денес никој не плаче.

„Ги познавам твоите дела. Велат дека си жив, а мртов си.“ Тие се зборови на опомена и предупредување од свети Иван апостол на христијаните на малоазискиот град Сарда. Зарем истите зборови на укор не можат да се упатат на многумина што со целата уста галамат дека се католици, а животот им е целосно некатолички. Би било добро кога тоа би биле само исклучоци. Тоа е знак дека многу души на смрт се болни, мртви: многу го напуштиле Бог. Таа е пострашна смрт од она телесната. Кога би можеле да си ги видиме душите едни на други како што ги гледа Бог, колку само мртовци околу себе би сретнале – душа без Бог, потопени во злото, во гревот и смртта.

Затоа Исус и на нас денес ни зборува: „Момче, тебе ти велам, стани!“ Тој е Исусовиот повик до нас – сите, ако сме ја убиле сопствената душа: мртвите мора да станат. Тој е Исусовиот повик за да станеме на духовни нозе, макар и духовноста можеби ни е ранета… Непријателот – злото, гревот – може да биде победен. Душата не познава друга смрт освен гревот – нејзиниот живот е живиот Бог.

Но, прашањето е: Дали воопшто копнеам за некој нов живот, за поквалитетен живот. А Исусовото време е овде. Не треба да се чека. Денес Словото ни зборува за духовното воскресение: дека Бог ни дава живот, Бог ни го враќа животот, вистински да го живееме божествениот живот. Бог е моќен да нè промени. А сите ние барем делумно сме мртви внатрешно, заледени. Во исто време сме живи и мртви, во надежта, во љубовта и благородноста.

Можеби премногу сакаме телесната ситуација да ја промениме, а потребно ни духовно да се промениме, па ќе се промениме целосно. Потребно ни е да се отвориме еден за друг за живот кон кој сме упатени. Потребно е да го „надминеме“ времето и да влеземе во вечноста. Амин.

жас/к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот