Хрватскиот Уставен суд ја укина наставата за сексуално образование
Загреб, 24.5.2013 / к.мк/ – Хрватскиот Уставен суд во вторникот 22 мај, донесе одлука во училиштата да не се држи настава по сексуално образование во склоп на предметот здравствено воспитување. Како што известуваат медиумите во Хрватска, програмата по предметот здравствено воспитување која важи од месец февруари, уставните судиите ја укинаа. Како причина за ова, судиите наведоа дека училишната програма по сексуално образование им го скратува правото на родителите за воспитување на нивните деца. Против воведувањето на сексуално образование предводник беше организацијата „Грозд“, организација блиска на Црквата.
Уште пред да стапи на сила спорната програма, Католичката Црква и други граѓански организации ја критикуваа наставата по сексуално образование. Тие изнесоа претставка пред Уставниот суд, изнесувајќи аргументи дека наставата е противуставна и против важечкиот закон, наведувајќи дека оваа настава претставува кршење на повелбата за човекови права на Обединетите Нации. Според информациите на медиумите во Хрватска, се додека не се прифати нова училишната програма, на сила останува програма пред да биде воведена оспорената настава.
По донесувањето на оваа одлука на Уставниот суд се јавија разни коментари и реакции на лица од јавниот живот во Хрватска. Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ коментирајќи ја пресудата на Судот рече: „Кој сака Византија нека оди во Византија“ и додаде дека тој и неговата влада сакаат да воведат „нордиски“ правила, а не „византиски“.
Задарскиот архиепископ и претседател на Бискупската конференција на Хрватска, монс. Желимир Пуљиќ коментирајќи ја пресудата на судот за хрватски „Вечерни лист“ рече дека „одлуката на Уставниот суд е добра поддршка на сите оние чиј права се укинати или загрозени“. Покрај тоа тој истакна дека со оваа одлука е заштитено правото на родителот за воспитување на своето дете.
На Голем билборд на главниот загребски плоштад, Плоштад Бан Јелачиќ осамна голема реклама со следниот натпис: Благодариме на Бог за одлуката на Уставниот суд поврзана со здравственото воспитување и Божји благослов на сите судии од Уставниот суд и целиот сакан хрватски народ.