Фундаментализмот е болест која постои во сите религии
Папата на 30 ноември за време на повратниот лет во Рим коментираше серија на теми: од доверливите ватикански документи и судењето на двајцата новинари кои ја објавија книгата врз основа на тие информации, до фундаментализмот, климатските промени, проблемот на сидата во Африка и презервативите.
Како што е вообичаено по апостолските патувања, Папата на 30 ноември за време на повратниот лет во Рим по посетата на Кенија, Уганда и Централноафриканската Република, одговараше на прашања на новинарите коментирајќи серија на теми – од доверливите ватикански документи и судењето на двајцата новинари кои ја објавија книгата врз основа на тие информации, до фундаментализам, климатски промени, проблемот на сидата во Африка и презервативите.
Идолопоклонството значи да ја изгубиш својата „лична карта“ на Божјо дете и да си создадеш божество според сопствена мерка – рече Папата коментирајќи го обожавањето на „богот на парите“. Затоа предупреди: Ако човештвото не се промени ќе продолжи бедата, трагедиите, војните, деца кои умираат од глад и неправди.
Запрашан за следното патување и можно враќање во Африка рече дека следната дестинација би требало да биде Мексико кое ќе го посети заради Блажена Дева Марија. Призна дека не е сигурен дали ќе има можност повторно да дојде на афричкиот континент. „Јас сум стар, а патувањата се напорни“ – рече додавајќи дека Африка за него била „изненадување“. Силно го погодило мноштвото луѓе, нивната радост, прифаќањето и подготвеноста за славење дури и – како што рече – на празен стомак. „Бог нè изненадува, но и Африка нè изненадува“ – рече Светиот Отец.
Одговарајќи на прашање за ватиканските документи и важноста на медиумската слобода во борбата против корупцијата рече како се согласува дека треба да бидат слободни, но медиумите треба да бидат и професионални односно не смеат да манипулираат со вестите. Прикажувањето на неправдата и корупцијата е важна задача, но медиумите треба да кажат сè, не запаѓајќи во – според неговите зборови – трите најчести медиумски гревови:
Првиот е дезинформација односно кажи еден дел, но не сè; вториот е озборувањето односно непрофесионално клеветење на другите без разлика дали станува збор за вистината или не; третиот е клевета односно уништување на добриот глас на човекот со информации кои не се важни за сегашниот момент. Ако новинарот е вистински професионалец, тогаш ќе се извини кога ќе згреши. Тоа е многу важно – рече Светиот Отец.
Исто така призна дека мисли именуваните монс. Валехо Балде и Чаукви – две личности кои се обвинети за кражба на доверливи документи – било грешка. Целиот тој случај не му го одземал сонот затоа што на сите ја покажаа работата која ја започна советот на кардинали (С9) во искоренувањето на корупцијата. За неа во Ватикан отворено говореше и тогашниот кардинал Рацингер – потсети папата Фрањо истакнувајќи дека има намера да продолжи со кардиналите да ги чисти таквите случаи.
За фундаментализмот пак рече дека се работи за „болест која постои во сите религии“. Ние католиците имаме „многу од оние кои веруваат дека ја поседуваат апсолутната вистина и ги валкаат другите со клевети, и прават многу зло.“ „ Тоа го кажувам затоа што се работи за мојата Црква“ – рече велејќи: „Верскиот фундаментализам не е верски. Зошто? Затоа што го нема Бог. Тоа е идолопоклонство, како идолопоклонството на парите.“ Фундаментализмот секогаш завршува трагично; тоа е зла реалност која ја има помалку во сите религии – смета папата Фрањо.
Еден новинар зборувајќи за сидата и нејзината превенција во Африка праша: „Не е ли време да се промени ставот на Црквата по тоа прашање? Да се согласи на користењето на презервативи за да се спречат понатамошни зарази?“ Папата рече дека тоа прашање е „премногу мало и делумно“. Проблемот е поголем: луѓето умираат заради изгладнетост и недостаток на питка вода. Големата рана е општествената неправда. „Не ми се допаѓаат такви казуистички размислувања додека луѓето умираат од жед и глад“ – рече папата Фрањо додавајќи дека за тој проблем може да се расправа кога ќе се решат тешките светски неправди.
Напоменувајќи дека не мисли на одбрана на земјата против неправедниот агресор, Светиот Отец истакна дека војните се вистинска индустрија, бизнис. Произведуваат ли терористите оружје? Кој им го дава оружјето? Постои цела мрежа на интереси зад која стојат пари и моќ. Поминуваме низ светска војна во делови, а деловите стануваат сѐ поголеми и поголеми – рече Папата. Тие војни се грев, против човекот, го уништуваат човештвото. Треба да се запрат; војните не доаѓаат од Бог – Тој е Бог на мирот.
Запрашан пак за конфренецијата за климата во Париз, Папата призна дека не е сигурен дали може да даде решение. „Но, можам да кажам: сега или никогаш.“ До сега малку од тоа се направило, а секоја година проблемите се сѐ потешки – рече, додавајќи: „На границата на самоубиство сме, да употребам силен збор.“
Папата истакна дека дијалогот со исламот е можен. Муслиманите имаат многу конструктивни религиски вредности како молитвата и постот. Не може да се поништи една религија затоа што постојат некои – или дури многу – фундаменталистички групи во одреден историски момент. Вистина е дека секогаш во историјата имало верски војни – и ние за тоа треба да бараме прошка: триесетгодишната војна, Вартоломејската ноќ… грабежите во Рим не ги направиле муслиманите – потсети папата Фрањо.
На крајот Папата истакна дека Африка секогаш ја експлоатирале други сили. Секогаш имало моќници кои само сакале да ги одземат големите богатства, не сакајќи да и помогнат да расте, да создава работа, туку ја експлоатирале. Африка е маченичка – рече папата Фрањо – маченичка на историско експлоатирање. Не ги разбирам оние кои велат дека од африканскиот континент доаѓаат сите неволји и војни. Заради тоа – заклучи – ја сакам Африка; бидејќи таа била жртва на други сили.
РВ/к.мк/Д.И.