Папата по Генералната аудиенција: Украина многу страда, да молиме да се врати мирот

Папата по Генералната аудиенција: Украина многу страда, да молиме да се врати мирот

Потребно е да се моли за благодат на мирот поради страдањата што секојдневно се доживуваат во Украина поради војната. За ова Папата зборуваше по катехезата, потсетувајќи на вредноста на Бројаницата во овој месец посветен на Пресвета Богородица.

Во својот поздрав до италијанските ходочасници, на крајот од катехезата на Генералната аудиенција во среда 17 мај 2023 година на плоштадот Свети Петар во Ватикан, Светиот Отец се наврати на актуелната војна во Украина, нагласувајќи ја потребата од молитва за да се постигне мир.

Сите да го молиме Бога за нашата сакана Украина: Има многу страдања таму, многу се страда… Да молиме за ранетите, за децата, за оние што загинаа, да молиме да се врати мирот.

Поздрав до ходочасниците од Полска: Да му ги довериме светските проблеми на маченикот Бобол

Поздравувајќи ги полските ходочасниците присутни на плоштадот Свети Петар, Папата посебно ја истакна групата наречена „Małych stópek“ која се залага за одбрана на живот. Тој потсети дека во вторник, 16 мај, Католичката црква во Полска го прослави литургискиот спомен-ден на свети Андреј Бобол, Исусовец, свештеник и маченик.

Нему – рече римскиот бискуп – да му ги довериме сите тешки прашања на вашата татковина и на другите земји, посебно прашањето за мирот во Украина.

Да молиме Бројаницата за мир

На крајот, обраќајќи им се на верниците од арапското говорно подрачје, папата Фрањо ја истакна важноста на молитвата. Во месец мај, посветен на Пресвета Богородица, се моли Светата Бројаница, резиме на целата историја на нашето спасение. Светата Бројаница, истакна Светиот Отец, е моќно оружје против злото и делотворно средство за постигнување вистински мир во нашите срца. Господ да ве благослови сите и секогаш да ве чува од секакво зло!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот