Папата Лав XIV изврши три значајни именувања: надбискупот Паоло Рудели, апостолски нунциј во Колумбија, доаѓа на местото на супститутот за Општи работи, надбискупот Едгар Пења Пара, кој е именуван за апостолски нунциј во Италија, наследувајќи го надбискупот Петар Рајиќ, кој е поставен за префект на Папскиот дом.
Од Колумбија во Државниот секретаријат, од Државниот секретаријат во нунцијатурата во Италија, од нунцијатурата во Италија во Префектурата на Папскиот дом. Денес беа објавени низа именувања во рамките на Светиот Престол.
Папата Лав XIV го избра надбискупот Паоло Рудели, кој во јули ќе наполни 56 години, за нов супститут за Општи работи во Државниот секретаријат, една од најважните и најчувствителни должности во целиот ватикански апарат, фактички еден вид „министер за внатрешни работи“ на Ватиканската град-држава.
Ракоположен за свештеник во 1995 година и инкардиниран во Бергамо, надбискупот Рудели има диплома по морална теологија и досега служеше како апостолски нунциј во Колумбија. На таа должност стапи во 2023 година, по назначувањето од папата Фрањо, кој го посвети за бискуп во 2019 година и во јануари 2020 година го испрати како свој претставник во Зимбабве.
Искуството на прелатот во дипломатската служба на Светиот Престол, сепак, датира од пред повеќе од дваесет години, од 2001 година, со служби во Папските претставништва во Еквадор и Полска, како и во Одделот за Општи работи на Државниот секретаријат.
Денес, по волја на папата Лав XIV, тој станува раководител на тој оддел, што претставува второ значајно именување на Папата во Државниот секретаријат, по она во минатиот ноември со назначување на асесорот, нигерискиот теолог и канонист Ентони Онјемуче Екпо, дотогашен потсекретар на Дикастеријата за промовирање на целосниот човечки развој.
„Гест на доверба“
Во изјава објавена по денешното соопштение, надбискупот Рудели рече: „Повикот од Неговата Светост, папата Лав, да работам во непосредна близина во извршувањето на неговото врховно послание како супститут на Државниот секретаријат, претставува гест на незаслужена доверба, со која многу ме почести.“
Надбискупот вети дека, „поттикнат од верата“, ќе ја преземе оваа служба „во духот што го посочува Апостолската конституција Praedicate Evangelium“.
Тој рече дека тоа ќе го прави со свест дека може да се потпре врз водството на државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин, како и врз соработката со асесорот, монсињор Ентони Онјемуче Екпо, и со сите службеници на Одделот за Општи работи.
Особено, новиот супститут истакна дека ја полага својата доверба во „застапништвото“ на својот истакнат сонародник од Бергамо, светиот папа Иван XXIII.
Надбискупот Пења Пара станува нунциј во Италија
Надбискупот Рудели го наследува венецуелскиот надбискуп Едгар Пења Пара, кого папата Лав XIV го именува за апостолски нунциј во Италија.
Папата Фрањо претходно го именуваше надбискупот Пења Пара за супститут на 15 август 2018 година, преместувајќи го од Мозамбик. Од 2015 година тој ја водеше Апостолската нунцијатура во таа источноафриканска земја и учествуваше во посредничка група за воспоставување мир меѓу националната влада и една опозициска политичка партија.
Роден во 1960 година, искусен дипломат со служба во Кенија, поранешна Југославија, Хондурас и Мексико, а подоцна и како папски претставник во Пакистан, надбискупот Пења Пара стана вториот Латиноамериканец што ја извршуваше должноста супститут, по Аргентинецот Леонардо Сандри.
Надбискупот Рајиќ станува префект на Папскиот дом
Денес беше објавено и именувањето на надбискупот Петар Рајиќ за префект на Папскиот дом.
Оваа должност беше испразнета повеќе од шест години, по заминувањето на надбискупот Георг Генсвајн, денес апостолски нунциј во балтичките држави Латвија, Естонија и Литванија. И самиот Рајиќ служеше како нунциј во истите тие земји од 2019 година, пред да пристигне во Италија во 2024 година.
Како префект, надбискупот ќе ја надгледува работата на Префектурата, куријално тело задолжено за внатрешниот ред и за секојдневното уредување на животот на Папата.
Ватикан њуз/к.мк

