Со нетрпение ја очекувам посетата на Босна и Херцеговина
Светиот Отец ги прими епископите на Босна и Херцеговина по повод нивната посета „Ад лимина“. „Лично, со нетрпение ја очекувам посетата на вашата татковина на 6 јуни каде што со вашиот народ ќе се почувствувам убаво и мило како браќа кои живеат заедно – стои во говорот на Папата.
Го пренесуваме во целост говорот на Светиот Отец со епископите од Босна и Херцеговина, по повод нивната посета „Ад лимина“:
Господине кардинал, драги браќа епископи,
Духовното искуство на посетата на гробовите на апостолите и средбата со Римскиот епископ секогаш е силен момент на вера и заедништво. Ви посакувам искрено добредојде и ви благодарам за искрените поздрави од вашата Црква и народот од Босна и Херцеговина. Лично со нетрпение ја очекувам посетата на вашата татковина на 6 јуни каде што со вашиот народ ќе почувствувам колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно (сп. Псалм 132, 1).
Ги прочитав со внимание вашите извештаи и во нив надежта и плановите и заедно со вас молев за сите жители на вашата земја и за сите оние кои биле присилени да заминат во странство заради не така дамнешните воени настани, заради невработеноста и неизвесноста за иднината.
1.Иселувањето секако е една од реалностите која ви е на срцето. Тоа предизвикува потешкотии за враќање на многу ваши сограѓани, недостаток на работни места, семејна нестабилност, афективно и општествено разделување на цели заедници, недостатоци во делувањето на парохиите. Сеуште се живи сеќавањата на конфликтите, без разлика дали на лично или на општо ниво со рани на срцата кои и денес крварат. Знаеме добро дека тоа во вас како пастири пробудува горчина и загриженост. Папата и Црквата се со вас во молитвите и преку ефикасната поддршка на вашите планови во корист на оние кои ги населуваат вашите краеви без никаква разлика. Затоа ве охрабрувам да не ги штедите своите сили во подршката на слабите, да помогнете – на начин кој ви е најсоодветен – на сите оние кои имаат оправдана и искрена желба да останат во родната земја и да го задоволите духовниот глад на оние кои веруваат во неминливите вредности, кои произлегуваат од Евангелието кои со векови го подржувале животот на вашите заедници. Окрепени со мелемот на верата и со вашиот пример и проповедање така ќе можете да ја зацврстите сопствената присутност за доброто. Во тоа делување од неизмерна помош ви се вашите свештеници кои, како што ми велите се великодушни, вредни и уверливи пастири на стадата кои им се доверени.
2.Општеството во кое живеете е обележано со мултикултурална и мултиетничка димензија. На Вас ви е доверена задачата да бидете татковци на сите и покрај материјалната оскудица и криза во која се наоѓате. Нека вашето срце секогаш биде расположено да го прими секого, како што Христовото срце знае да го прима во себе – со божествена љубов – секое човечко битие.
Секоја христијанска заедница знае дека е повикана да се отвори, да ја покаже во светот светлината на Евангелието; не смее да остане затворена само во рамките на своите обичаи, па колку и да се благородни. Заедницата на верници излегува од сопствениот „двор“, постојана во верата, потпомогната со молитвата и охрабрена со сопствените пастири за да го живее и навестува новиот живот која што таа самата го чува, а тој е Христос, Спасителот на секој човек. Во таа смисла ги подржувам иницијативите кои можат да го прошират присуството на Црквата надвор од обредниот амбиент, збогатувајќи со имагинацијата и креативноста на секоја активност која би можела да влијае на општетсвото, донесувајќи ви свеж дух на Евангелието. Секој човек има потреба дури и тогаш кога не знае, да го сретне Господ Исус.
Во вашите напори обидете се да го унапредите општествениот пасторал во средбите со верниците, посебно со младите, за таму да се формира, за да бидат со волја да останат во своите краеви, како придвижувачи и како оние кои се одговорни за обновата и растот на вашата земја, од кои не можете да очекувате само да примаат. Во ова образовно-пасторално делување, социјалната наука на Црквата е од голема помош. Всушност овој е начин како да се надминат старите материјалистички наслаги кои сеуште постојат во менталитетот и во животот на некои делови на општеството во кое живеете.
3.Вашата служба, драги браќа опфаќа различни подрачја: пасторално, екуменско, меѓурелигиско. Благодарение на вашите извештаи подобро можев да го визуелизирам големиот труд кој го вложувате во спомнатите услови, работата која го покажува вашето татковство во средбите со доверениот ви народ. Ве охрабрувам потсетувајќи дека со почит кон сите, слободно и бестрашно сведочете ја својата припадност на Христос.
Свештеници, монаси, монахињи и верници лаици кои живеат во близок однос со граѓани од различна верска традиција, можат да ви понудат корисни совети за вашето делување и настапи, тргнувајќи од нивното спознание и искуства со разноликите заедници. Сметам дека ваков или сличен мудар пристап може да донесе семе и плодови на помирување, прифаќање, па дури и соработка.
4.Уште еден понатамошен вид на делување кое би сакал да го нагласам, а и вие го спомнавте, заради што ја поздравувам вашата пастирска чувствителност е оној за односот помеѓу вашиот и монашкиот клер.
Преку непосредно искуство ја познавам сложеноста на тие односи, како и потешкотиите за усогласување на одредени каризми. Но, најважен е фактот дека во двете димензии на еден свештеник секогаш се промовира едно единствено послание: да се служи на Христовото Царство. Оние кои сите свои сили ги посветуваат на таа мисија, за чест и гордост на апостолското навестување. Потсетувам на она што свети Иван Павле II со вдахнати зборови го кажа во Сараево по повод посетата во април 1997 година, а ми изгледа дека се пророчки и денес: Епископот е татко: знае дека секој совршен дар доаѓа од Бог (Говор до епископите 13 април 1997, 4).
Во ова Година на посветениот живот треба да увидиме како сите каризми и служби се воспоставени за слава Божја и за спасение на сите луѓе, бдеејќи тие да бидат навистина насочени кон изградбата на Царството Божјо и да не бидат извалкани со пристрасни цели. Нека тие се спроведуваат во духот на човечкото и братското заедништво, поднесувајќи го товарот едни на други (Гал 6,2) во духот на служењето.
5.На крајот дозволете ми една сосема лична беседа меѓу нас епископите како што доликува со потполна љубов. Познати ми се историските прилики кои допринесоа за различности во Босна и Херцеговина во многу облици. Сепак, вие сте едно тело: вие сте католички епископи на едно гранично подрачје во заедништво со Петровиот Наследник. Спонтано од срцето ми излегува само една мисла: вие сте во заедништво. Иако понекогаш е несовршено, ова заедништво станува со упорност градено на сите нивоа без никакви разлики.
Со припадноста на истиот Апостолски колегиум треба да делувате од центарот; останатите мислења поминуваат во втор план и се расудува во светло на единството на вашата вера и вашата служба.
Драги браќа во исчекување на средбата со вашиот народ во Сараево, наследник на толку маченици и исповедници на верата кои во текот на долгите и мачни истории на вашата земја таа иста вера ја сочувале жива, сакам да ви ја искажам љубовта, вниманието и близината на Римската Црква.
Овие се чувства кои искрено ви ги изразувам и ве молам да ги пренесете на вашите заедници. Сакам сите и понатаму да молите за моето служење на Црквата и на вас и на вашиот народ со братски чувства го поделувам својот Апостолски благослов.
РВ/Д.И.