Папата упати апел за мир во Конго

Папата упати апел за мир во Конго

Папата Фрањо упати апел до сите жители на Демократската Република Конго да бидат градители на помирувањето и мирот. Искрениот апел на Папата дојде на крајот од Генералната аудиенција на 21 декември 2016 година во салата Павле VI.

Тој ги повика оние на власт да го слушаат гласот на својата совест, да го видат суровото страдање на своите сограѓани и на срцо да го имаат општото добро. Светиот Отец го уверува саканиот народ во Конго во својата поддршка и љубов и ги повика да дозволат да ги води светлината на Откупителот на светот. Се молам раѓањето Господово да ги отвори патеките на надежта – рече на крајот папата Фрањо.

Апелот на Папата доаѓа откако избувна насилство во Конго. Во официјалниот извештај на Обединетите нации се тврди дека во последните неколку часа повеќе од 20 луѓе се убиени во конфликтите помеѓу демонстрантите и силите за безбедност во главниот град Киншаса заради тоа што досегашниот претседател Џозеф Кабила не поднесе оставка од својата функција. Имено 15 годишното владеење на Кабила требаше да заврши минатиот понеделник на полноќ, но е продолжено до 2018 година. Главниот политички противник на претседателот изјави дека одбивањето за заминување од власта е еднакво на државен удар. Изборната комисија ги откажа изборите кои беа закажани за минатиот месец повикувајќи се на логистички и финансиски потешкотии во организацијата. Кабила формираше транзициска влада од 74 члена која ќе управува со големата централноафриканска земја до следните избор во 2018 година.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот