„Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува.“ (Псалм 22,1)
Псалм 22 е еден од најпознатите и најомилените псалми. Тоа е песна на доверба, а во исто време и радосно исповедање на верата. Молителот е припадник на израелскиот народ, кому Господ му ветил преку пророците дека ќе биде негов Пастир. Авторот ја изразува својата лична среќа знаејќи дека е заштитен во Храмот[1], прибежиште и место на благодатта, но, исто така, сака да ги охрабри со своето искуство и другите да веруваат во Господовото присуство.
„Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува.“
Сликата со пастирот и стадото е многу драга на библиската литература. За да ја разбереме добро, мора со мислите да се преселиме кон сушните и карпести пустини на Блискиот Исток. Пастирот го води своето стадо, а тие послушно го следат, бидејќи без него би биле изгубени и не би преживеале. Овците мора да научат да се потпираат на него, слушајќи го неговиот глас. Пред сè, тој е нивен постојан придружник.
„Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува.“
Овој псалм нѐ повикува да го зајакнеме нашиот длабок однос со Бога и да ја доживееме Неговата љубов. Можеби некои се прашуваат зошто авторот вели дека ништо не му недостасува? Во нашето секојдневие проблемите и предизвиците се секогаш присутни, без разлика дали се од здравствен, семеен или деловен карактер. А при тоа не ги забораваме огромните страдање на многу наши браќа и сестри погодени од војна, па последиците од климатските промени, миграцијата и насилството.
„Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува.“
Можеби клучот за разбирање може да се најде во редот кој гласи: „зашто Ти си со мене“ (Пс 22, 4). Станува збор за довербата во љубовта Божја Која секогаш нè следи и ни дозволува да го живееме животот поинаку. Кјара Лубик напиша: „Едно е да се знае дека можеме да се обратиме кон Битие кое постои, кое нѐ помилува, кое плати за нашите гревови. Друго е да живееме и да чувствуваме дека сме во центарот на Божјата наклонетост, а последица на тоа е отсуството на секаков страв што нè кочи, на сета осаменост, на секое чувство дека сме сираци, на секаква несигурност. […] Човек знае дека е сакан и верува во таа љубов со целото свое битие. Тој ѝ се предава со самодоверба и сака да ја следи. Околностите во животот, тажни или радосни, се осветлени од љубовта која ги сакала или пак сите тие ги дозволила “.[2]
„Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува.“
Всушност Исус бил Тој што го извршил исполнувањето на тоа прекрасно пророштво. Во Евангелието според Јован, Тој не се колеба да се нарече добар Пастир. Карактеристиката на односот со тој пастир е личен и близок однос: „Јас сум добриот Пастир; и ги знам Моите (овци), и Моите ме знаат Мене“ (Јов 10, 14). Тој ги води на пасиштата на Неговото Слово, кое е живот, особено Словото што ја содржи пораката на Новата заповед. Ако тоа го живееме, тоа го прави воскреснатиот Исус присутен во заедницата собрана во негово име и во неговата љубов.[3]
Подготвено од Аугусто Пародија Рејес и тимот Слово на Животот
[1] Спореди Пс 22, 6.
[2] К. Лубик, L’essenziale di oggi, ScrSp/2, Città Nuova, Roma 19972, p. 148.
[3] Спореди Мт 18, 20.