Свети пророк Илија

Свети пророк Илија

Како старозаветен пророк Илија имал многу важно место во еврејската, христијанската и исламската традиција, за кое сведочаат многубројните списи за него. Живеел и делувал во Северното Израилско Царство во IX век пред Христос за време на владеењето на Ахав и Охозиј. Според Светото Писмо тој бил „Понесен во огнен виор, во кола со огнени коњи“.

Свети Илија во Стариот Завет имал голема ревност за верата во единствениот вистински Бог Јахве. Неговото име на еврејски јазик значи „Јахве е мојот Бог“, а за оваа вистина пророкот Илија целиот свој живот се борел. Во Книгата на Мудроста Сирахова на овој начин е сумирана и фалена борбата на Илија: „И стана како оган пророкот Илија и како пламен од факел гореа зборовите негови. Тој ним им испрати глад, а со ревноста своја бројот им го намали; со зборот свој небото го заклучи и оттаму трипати оган симна. Со чудата свои, колку си се прославил, Илија? А по слава кој може со тебе да се споредува? Ти мртовец подигна од смрт и од пеколот по зборот на Севишниот. Ти кутна во погибел цареви и силници од нивното легло. Ти слушаше на Синај изобличување против нив и на Хорив – суд за одмазда; ти цареви за награда помаза и пророци – за свои наследници; ти беше грабнат од огнен виор на кола со огнени коњи; за изобличување на твоето време предназначен беше, за да го смириш гневот пред да мине во жестокост; срцето на татко кон синот негов да го свртиш и племињата на Јакова да ги обновиш. Блажени се оние кои те видоа и оние кои со љубов се украсија – и ние живот ќе имаме“ (Сир. 48, 1-11). (…)

Во Речникот на библиската теологија Ксавиер – Леон Дафур за завршетокот на Илија пишува вака: „Божјиот човек таинствено исчезнува пред очите на неговата околина вознесен ‘во виорот’, ‘во Израиловата кола и неговата коњаница’, а неговиот пророчки дух го оставил во Елисеј за да го продолжи делото Божјо.“ Кај Исусовото преобразување на гората Тавор во описот на тројцата евангелисти –синоптици, заедно со Мојсеј го гледаме и Илија како претставници на законот и пророците или како најважни ликови од Стариот Завет. Свети Јаков во своето послание го опишува Илија како пример на успешната молитва. „Голема сила има усрдната молитва на праведникот. Илија беше човек смртен, како и ние, и со молитвата Му се помоли на Бога да нема дожд: и не падна дожд на земјата три години и шест месеци. И пак се помоли: и небото даде дожд, и земјата го даде својот род“ (Јак 5, 16б-18). Многу важно место ужива пророкот Илија во еврејската и исламската традиција, за која сведочаат многубројни списи. Слично е и со христијанската традиција во делата на светите Отци.

Свети Атанасиј Велики во житието на Свети Антониј Пустиник нагласува еден негов принцип: „Сите оние кои се заветуваат на осаменички живот мора да го земаат како правило и како заштитник големиот Илија и во неговите дела како огледало да видат како треба да биде нивното однесување.“

Свети Иван Златоуст во еден говор на овој начин го велича сиромаштвото на Илија: „Илија немал ништо па и ништо не му сметало да се искачи на врвот на доблестите; тој е океан без граници.“

Свети Исидор Илија го нарекува „голем свештеник и пророк“. Неговото свештенство произлегува од жртвата која пророкот ја принесол на Јахве.

Свети Амвросиј го нарекува Илија „Почетник на пророците“. Светите Отци сметале дека Илија не умрел, но дека сепак ќе умре заедно со Енох на крајот на времињата борејќи се против антихристот. Моќното монашко движење во IV век гледало во Илија пример, особено во неговата истрајност, сиромаштво, живеење во пустината, во постот и во молитвата. Затоа го нарекле дури и „наш поглавар“.

Прославувањето на свети Илија, како старозаветен светец, многу е распотрането во Источните цркви. На Запад најмногу го прославуваат кармелитаните. Неговиот празник во нивниот мисал за прв пат се појавил во 1551 година.

Поклониците во Светата Земја се сеќаваат на свети Илија особено на гората Тавор и на гората Кармил. Секоја година, на 20 јули, мноштво поклоници доаѓаат на гората Кармил, а меѓу нив има христијани од различни обреди, има Евреи и муслимани. „Сите тие со различно превозно средство или пешки се искачуваат и се собираат околу манастирот на босоногите кармелиќанки да ги извршат своите завети, да крштеваат деца, а пред сѐ во чест на пророкот да пеат и да играат. Од манастирскиот двор одекнува жагор како на некој голем саем; целиот овој свет, толку различен, секоја година се обединува во името на Илија, а тој и понатаму врз нив го излева своето магично влијание така што има жив удел во нивниот живот и во нивното верување“ (Франческо Спадафора).

Во словенските народни верувања, што е присутно во нашите краеви, Илија им заповедува на громовите и на дождот, за затоа се нарекува и „Илија громовникот“. Многу повредно од тоа сфаќање е да се прифати старозаветниот пророк во духот на онашто ни зборува Божјото откровение за него.

Битно.нет/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот